По Фејсбук и Инстаграм, Ендру Тејт баниран на Јутјуб и ТикТок

Фото: Szabo Viktor on Unsplash

Откако компанијата „Мета“ донесе одлука да го забрани инфлуенсерот Ендру Тејт од нивните социјални мрежи Фејсбук и Инстаграм, Гугл презеде идентична акција за банирање на поранешниот кик-боксер од Јутјуб, јавува Би-би-си.

Од Гугл објаснуваат дека ги избришале Јутјуб каналите на Ендру Тејт поради повеќекратно прекршување на нивните упатства за заедницата и условите за користење, вклучувајќи ја и политиката за спречување на говорот на омраза. Ова практично значи дека Тејт нема да може да поседува, користи или создава други канали на Јутјуб.

Инаку, неговите канали на Јутјуб имаа повеќе од еден милион следбеници, додека прикачените видео содржини имаа по неколку милиони прегледи.

Слична ваква одлука донесе и ТикТок. Портпаролот на ТикТок објасни дека забраниле профил на Ендру Тејт како дел од тековна истрага за отстранување на содржини што ги прекршуваат нивните политики за користење на ТикТок.

Мизогинијата е идеологија на омраза која нема да се толерира, порачуваат од ТикТок. Некои од прикачените видеа на ТикТок со хаштаг #AndrewTate се прегледани повеќе од 12,7 милијарди пати од корисниците. Исто така, поранешниот кик-боксер имаше 4,7 милиони следбеници на неговиот профил на Инстаграм пред истиот да биде отстранет.

Компанијата „Мета“ соопшти дека ги отстранила профилите на Ендру Тејт од своите платформи поради кршење на нејзината политика за опасни организации и поединци, но не излезе со дополнителни детали во врска со ова.

Инаку, бројни активисти и здруженија веќе реагираа за содржините кои ги објавува Ендру Тејт на социјалните мрежи, посочувајќи дека тие претставуваат вистинска закана за младите мажи, поради тоа што може да ги радикализираат кон екстремистичка мизогинија, расизам и хомофобија.