„Плејстејшн“ ја најави следната конзола PS5 Pro

Новата PS5 Pro конзола добива поскапување од 300 евра, и ќе се продава за 800 евра во Европа. Преднарачките започнуваат на 26 септември

фото: Hello I'm Nik на Unsplash

По неколку месеци шпекулации и гласини, „Плејстејшн“ официјално ја најави својата следна конзола, PS5 Pro, која ќе пристигне на пазарот многу порано од што се очекуваше.

На 10 септември, за време на техничката презентација предводена од Марк Серни од „Плејстејшн“, „Сони“ официјално го потврди датумот на издавање на PS5 Pro. Тој ги откри клучните детали, вклучувајќи ги и деталните спецификации на конзолата и информации за преднарачка.

Оваа потврда доаѓа откако протекувањето во април годинава сугерираше дека на пат е помоќен Плејстејшн 5, со извештаи кои точно го предвидуваат и надградениот хардвер и периодот на излегување.

PS5 Pro е дизајниран за гејмери ​​кои бараат најдобро можно искуство и за креатори на игри коишто сакаат да ги поместат границите на она што можат да направат.

Спецификации за PlayStation 5 Pro

Според официјалниот блог на PlayStation, PS5 Pro може да се пофали со подобрувања во моќта на графичкиот процесор и нова АИ технологија за подобрување графика, што го прави најмоќната конзола за PlayStation досега.

  • Надграден графички процесор: PS5 Pro доаѓа со графички процесор кој има 67 отсто повеќе компјутерски единици и 28 проценти побрза меморија од сегашниот PS5.
  • Подобрен „Реј Трејсинг“ кој може да прикажува детали со двојно или тројно поголема брзина од оригиналниот PS5, што резултира со пореалистични визуелни ефекти.
  • Зголемување на резолуцијата со помош на вештачка интелигенција која е нова функција и технологија којашто Плејстејшн ја има развиено само за зголемување на графиката
  • Зголемена меморија од 2TB SSD

Сепак, новата конзола ги шокираше сите кога беше најавена. Главната причина за тоа е што, иако конзолата добива некои подобрувања од првичната верзија, доаѓа и со драстично зголемување на цената.

Новата PS5 Pro конзола добива поскапување од 300 евра, и ќе се продава за 800 евра во Европа, додека во Америка ќе чини 700 долари. Фановите се драстично шокирани поради овој потег.

Преднарачките на новата конзола започнуваат на 26 септември, а конзолата во продажба официјално стапува од 7 ноември годинава.