„Мајкрософт“ го брани договорот со „Активижн“, Плејстејшн се противи

„Сони“ се противи на договорот и вели дека спојувањето на двете компании ќе му даде на „Мајкрософт“ поголема контрола врз некои од најпопуларните игри во светот

фото? InspiredImages на Pixabay

Компанијата „Мајкрософт“ го бранеше својот предлог за купување на „Активижн Близард“ – производителот на видео-игрите „Call of Duty“ и „Candy Crush“, на сослушувањето пред регулаторите на Европската Унија (ЕУ). „Мајкрософт“ истакна дека договорот вреден 68,7 милијарди американски долари ќе им донесе поголем избор на повеќе гејмери, пренесува Би-би-си.

Конкурентот „Сони“, кој е сопственик на Плејстејшн – главниот ривал на Ексбокс конзолата на „Мајкрософт“, исто така присуствувал на сослушувањето. „Сони“ се противи на договорот и вели дека спојувањето на двете компании ќе му даде на „Мајкрософт“ поголема контрола врз некои од најпопуларните игри во светот.

Претседателот на „Мајкрософт“, Бред Смит го опиша сослушувањето во ЕУ како „важен ден“. Тој, исто така, ја отфрли загриженоста на „Сони“ дека игрите на „Активижн Близард“ – конкретно „Call of Duty“ – може да станат достапни само за корисниците на Ексбокс конзолата. Компанијата тврди дека сите актуелни игри на „Активижн“ ќе ги направи достапни и за Нинтендо, Плејстејшн и Стим најмалку во следните 10 години, но „Сони“ го отфрла овој договор.

На сослушувањето пред европските регулатори присуствувале и дизајнерот на чипови „Енвидиа“, но и „Гугл“, а истото не било отворено за јавноста.

Вчерашното сослушување беше последната шанса на „Мајкрософт“ да го изнесе својот случај во Европа пред комисијата да ја донесе својата одлука.

„Мајкрософт“ се обидува да ги убеди регулаторите ширум светот дека договорот, најголем во историјата на видео-игрите, нема да им наштети на конкурентите.

Некои земји, меѓу кои и Чиле, Бразил и Саудиска Арабија, веќе го одобрија договорот. Надзорниот орган на Обединетото Кралство неодамна соопшти дека е против договорот, иако допрва треба да ја објави својата конечна одлука, додека Европската комисија нареди истрага.

Инаку, „Мајкрософт“ претходно ги купи компаниите за видео-игри „Мојанг“, која е креатор на играта Мајнкрафт, како и „Бетесда“ – компанијата која стои позади Фалаут. „Мајкрософт“ веќе објави дека новата игра на „Бетесда“ – Старфилд, ќе биде лансирана како екслузива за Ексбокс.

Обиди за блокирање на преземањето на „Активижн Близард“ од страна на „Мајкрософт“