fbpx

Пензионерите протестираа во Скопје, бараат покачување на пензиите за 3.500 денари

Пензионерите од денешниот протест порачаа дека најавеното зголемување на пензиите за 6 отсто е премало и изразија револт поради зголемувањето на функционерските плати за 78 отсто

-

Пензионери од целата земја денеска дојдоа на протест во центарот на Скопје, со барање за покачување на пензиите за 3.500 денари на месечно ниво, или 40.000 денари на годишно ниво. Протестот го одржаа пред седиштето на Сојузот на здруженијата на пензионери и пред Министерството за труд и социјална политика.

Барањата на пензионерите се минималната пензија во земјава да биде 18.000 денари и владата линеарно да им ја зголеми пензијата за 3.500 денари. Тие се незадоволни и од раководството на Сојузот на здруженија на пензионери и побараа негово укинување или разрешување на актуелната претседателка на Сојузот, која се спротивстави на протестот. Воедно, пензионерите кои излегоа на протестот побараа укинување на членарината и другите издатоци кои се префрлаат во Фондот за пензионери.

Пензионерите од денешниот протест порачаа дека најавеното зголемување на пензиите за 6 отсто е премало и изразија револт поради зголемувањето на функционерските плати за 78 отсто. Покрај во Скопје, во изминативе денови протести се одржаа и во неколку града низ земјава, а протести се најавени и за во иднина, доколку не се исполнат нивните барања.

Инаку, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска оствари средба со претставници на Иницијативниот одбор на пензионери на Македонија, кои денеска излегоа на протест со неколку барања, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

На средбата претставниците на Иницијативниот одбор на пензионери ги изнеле своите барања меѓу кои, линеарно зголемување од 3.500 денари на сите пензии, како и продолжување на усогласување согласно новата методологија воспоставена минатата година, одредување на минималната пензија во износ 80 отсто од минималната плата, зголемување на надоместокот за мобилност и туѓа нега и гарантирана минимална помош.

„Минатата година низ транспарентен процес заедно со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионери ја донесовме новата методологија која обезбедува усогласување со трошоците за живот и просечната плата. Тоа е најреалниот пораст на пензиите. Тоа е системско решение кое овозможува постојан раст на пензиите,“ рече Тренчевска.

Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата и 50 отсто пораст на трошоци на живот, пензиите пораснаа за околу 21 отсто.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека сите барања кои беа доставени до нив ќе бидат разгледани и заедно во дијалог со Сојузот на пензионери ќе се креираат понатамошните политики и мерки за пензионерите со посебен акцент на оние со пониски пензии а во насока на обезбедување на достоен живот за сите граѓани.

Реакции по барањата на пензионерите имаше од партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Од опозициската партија во денешното соопштение велат дека стандардот на граѓаните во земјава опаѓа, реалната плата има пад од 5,2 отсто, а народото е посиромашен.

„Вредноста на платите, пензиите и другите примања на граѓаните е намалена. Македонија имаше една од највисоките инфлации во Европа и таа уште е висока“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека цените во маркетите секојдневно се покачуваат.

Од владејачката партија СДСМ пак објаснуваат дека во изминативе шест години просечната пензија е зголемена за 40 отсто. Според нивните пресметки, во 2016 година просечната пензија изнесувала 13.754 денари, а денес таа изнесува 19.106 денари.

„За постојан и навремен раст на пензиите, СДСМ заедно со пензионерите донесе нова методологија со која пензиите се зголемуваат на секои шест месеци. Откако е донесена оваа методологија пензиите за само 18 месеци од јануари 2022 до септември оваа 2023 година, ќе се зголемат за 26 отсто“, велат од СДСМ.

Социјалдемократите додаваат дека сите пензионери во најкризните месеци, март, април и мај 2022 година добиле по 1.000 денари додадок на пензија, а потоа во времетрање од четири месеци има било помогнато на пензионерите со најниски пензии со дополнителна финансиска помош од 750, односно 1.500 денари.

„Никој не треба и не смее да манипулира со пензионерите, нашите највозрасни сограѓани кои ја граделе оваа држава“, велат од СДСМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...