fbpx

Пентагон и во македонските безбедносни системи нашол докази за руски сајбер напади

-

Пентагон, односно американското министерство за одбрана, во 2018 година, во три земји – Украина, Црна Гора и Македонија – испратило тимови со експерти на сајбер безбедносната команда (Cyber Command teams), пишува „Вашингтон пост“.

Според американскиот весник, тимовите влегле со дозвола на владите во тие земји и оперирале „внатре во нивните мрежи за да го пронајдат опасниот софтвер кој Русија го вметнала во нивните, наводно безбедни системи“.

– Наидовме на вистинска ризница. Она што не изненади е колку дрски биле. Нивните активности продреле многу длабоко – изјави висок функционер во Министерството за одбрана.

Екипите на експерти откриле нови делови на руски штетен софтвер (малвер) вклучувајќи и софтвер кој овозможува контрола на инфицираните компјутери од далечина и без да може корисникот да го детектира.

– Русите биле немарни бидејќи не се труделе многу да ги сокријат трагите од нападот врз мрежите, по принципот „ако мислиш дека никој не те гледа, не се ни трудиш да ги сокриеш трагите“ – вели функционерот.

„Пост“ пишува дека оваа активност на САД ќе продолжи и во изборната 2020 година.

Пораката која сака САД да ја испрати на Москва, според изворот на весникот, е „знаеме што правите. Ние сме обединети против вас. Вашите активности ќе имаат последици “.

Една од нив е кога по откривањето на штетниот софтвер тој бил анализиран и постиран на интернет за да се олесни правењето анти-вируси.

Делот од кампањата бил и контранападот во кој краткотрајно била „затворена“ руската Агенција за истражување на интернетот (Internet Research Agency), т.н. – „фабриката за тролови“.

Во јули 2018 година „Мета.мк“ извести дека истражувачките новинари на „Базфид“ и Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) откриле информации за службен пат на руска специјалистка од оваа област во Македонија.

Ана Богачева, член на руската Агенција за истражување на интернетот, на прашање на новинарите што барала во Македонија во јуни 2015 година одговорила „се извинувам, ама не зборувам за мојата работа“. Нејзиниот влез во земјата наводно не бил регистриран од граничните власти, а тоа што со таков статус и било дозволено да излезе без да биде испитана може да се толкува и како индиција за поврзаност со тогашната власт.

Богачева е една од 13-те руски државјани обвинети во февруари 2018 г. за наводното мешање во американските избори во 2016 г. Нејзината посета се случила само еден месец откако тогашниот македонски претседател Ѓорге Иванов одби да го поддржи бојкотот на членките и сојузниците на НАТО на парадата по повод Денот на победата 9 мај во Москва во знак на протест поради руската агресија врз Украина. Иванов тогаш беше еден од ретките европски шефови на држави кои се придружија на рускиот претседател Путин на трибините.

На денот на парадата, во отсуство на врховниот командант, оружените сили на РМ во Куманово ја започнаа операцијата во Диво Насеље во Куманово, при која загинаа 8 полицајци и прерасна во една од најголемите безбедносни кризи по 2001 г. Наспроти тоа што веднаш по контроверзните „кумановски настани“ тогашниот премиер Никола Груевски поволно ја оцени операцијата, неколку дена подоцна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на УБК Сашо Мијалков поднесоа оставки.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...