fbpx

Пеливанов: И Јанкулоска и Ставрески рекоа дека Талески е „корумпиран до даска“

-

Со незаконски склучените договори за превоз на ученици буџетот на Општина Битола бил оштетен за половина милион долари, истакна обвинителот на Специјалното јавно обвинителство, Трајче Пеливанов во излагањето на обвинението, односно во воведните зборови на денешното рочиште за случајот „Транспортер“ во кој првообвинет е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и уште 20 лица.

– Станува збор за криминално сценарио во кое покрај првообвинетиот Владимир Талески се вклучени и директорите на училиштата кои прифаќале фактури по повисоки цени. За ваквата бескруполозна злоупотреба на правото на слободен превоз чувме и во прислушуваните разговори меѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, тогашни министри, кои ќе кажат за Талески дека е „корумпиран до доска“ – рече Пеливанов во воведните зборови и нагласи дека СЈО бара осудителна пресуда.

Според обвинението на СЈО, во учебните 2009/2010 и 2010/2011 Општина Битола склучувала договори со фирми превозници спротивно на Законот за јавни набавки, при распишување на тендерите не била наведена висината на средствата предвидени за оваа намена, а не била формирана ниту тричлена комисија. Поради тоа, за сите договори, разликата меѓу проценетата цена и вредноста на склучените договори е околу 570.000 евра.

По воведните зборови на Пеливанов, адвокатите на обвинетите побараа прекинување на денешното рочиште бидејќи било доцна и завршило работното време на судот. Следното рочиште на кое Талески и останатите обвинети треба да се произнесат дали се чувствуваат виновни е закажано за 23 јануари.

Инаку, адвокатите на Талески и на другите обвинети бараа одложување на денешното рочиште бидејќи во судницата не беа овозможени услови за визуелно и тонско снимање на судењето.

По паузата во судницата беа поставени две камери за кои одбраната повторно приговараше дека не ги задоволуваат условите пропишани со Законот за кривична постапка. Но, судијката Лидија Петровска ги отфрли приговорите и одлучи сепак да почне главната расправа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пратеници, градоначалници, фирми, граѓани – Кој колку пари донирал за кампањата на претседателските кандидати?

Некој по 500 денари, некој по 100.000 денари, а некој по 300.000 денари. Донации за кампањите за претседателските избори пристигнувале од пратеници, градоначалници, членови на партии или пак преку...