Најголем дел од средствата што се инвестираат во патната инфраструктура во земјава се средства добиени од кредити. Дури 57,4% од средствата во годинешниов буџет на Јавното претпријатие за државни патишта се позајмувања од кинеската Ексим банка, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Светската банка (СБ) и Европската инвестициона банка (ЕИБ). Наспроти нив, само 15,4% од вкупните приходи планирани за 2019 година доаѓаат од плаќањето патарина од возачите, се наведува во годишната програма за работа на ЈП за државни патишта.

Вкупниот буџет на ова јавно претпријатие за 2019 година изнесува 289,1 милиони евра. Од нив, приливите од кредити учествуваат со 165,8 милиони евра, додека приходите од патарина, патна такса и акциза за нафтени деривати изнесуваат 123,3 милиони евра. Сопствените средства учествуваат со помалку од половина во вкупните приливи на финансии што ќе ги оствари ЈП за државни патишта годинава.

Во изјава за „Мета“, директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, посочува дека без кредитни задолжувања тешко ќе може да се гради и реконструира патната инфраструктура во постојниот забрзан обем.

– Ако не се кредитите од Светската банка и од Европската банка за обнова и развој, ние ќе можеме тука и таму да направиме некаква рехабилитација, нов пат да се изгради еднаш во 5 години бидејќи тоа се огромни средства – посочува Китанов.

Но, од друга страна, дополнува тој, приходите од патарини, патни такси и акцизи за нафтени деривати се неопходни за навремена исплата на ратите од кредитите за патиштата што се веќе изградени.

Предвидениот буџет на ЈП за државни патишта годинава ќе се полни и од нова наплатна рампа кај Гевгелија, која ќе се пушти во употреба за 10 – тина дена. Од неа ќе се собира патарината за користење на автопатот Демир Капија – Смоквица, по кој се вози повеќе од една година без плаќање на задолжителниот надоместок.

До наредната пролет ќе бидат изградени наплатните рампи кај Демир Капија, заедно со наплатните рампи „Кадрифаково“ и „Преод“ на автопатот Миладиновци – Штип. Патарината кај селото Арбиново на идниот автопат Кичево – Охрид ќе се пушти во употреба заедно со неговото отворање до 2021 година.