fbpx

Партиите не сакаат да им се расипе „колачот“ на власта, законот за стручни директори со години блокиран

Околу 40 отсто од директорите се именуваат како вршители на должност, што може да го покаже фактот дека дел од овие лица не ги исполнуваат ни минималните услови за избор, односно именување директор, кои се предвидени со закон

-

Во последните пет години, Азир Алиу е четвртиот министер на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), по Дамјан Манчевски, Јетон Шаќири и Адмирим Алити, од кого се очекува да продолжи со заложбите за донесување на Законот за високата раководна служба или за именување на директори според стручните услови, а не според партиската припадност. Меѓутоа, овој закон и понатаму е блокиран, а Министерството не е транспарентно и не одговара на прашањата што им ги поставивме. Експертите ја потенцираат потребата за донесување на овој закон, пишува Порталб.мк.

Власта како да заборавила на ветувањата дека наместо партиски именувања, услов за раководителите на институциите ќе биде стручноста. МИОА не дава одговор за тоа каде е заглавена постапката за донесување на Законот за високата раководна служба. Партиите на власт досега не покажале волја за донесување на овој закон, бидејќи им се расипува „колачот“ кој се дели при делењето на власта. Ова на непосреден начин го потврди и Адмирим Алити во октомври 2022 година, кој во времето кога беше министер рече дека „прифаќањето и усогласувањето на законот со ставот на сите политички актери оди бавно, бидејќи самите партии прават отпор кон законот, затоа што високите раководни позиции се главниот плен што партиите го добиваат при добивањето на власта“.

Токму поради оваа причина, и граѓанскиот сектор во мај 2022 година изрази скептицизам за донесувањето на Законот за високата раководна служба, бидејќи години наназад истиот се ветувал, но не е донесен.

Што би регулирал законот?

Дали реално би подобрил нешто овој закон во постапката на законот за директорите? Секако, вели Бранка Минчева – Коцевска, проект координатор во Центарот за управувањето со промени.

Бранка Минчева – Коцевска, проект координатор во Центарот за Управување со Промени, фото: веб – страната на Центарот за Управување со Промени

„Актуелните законски решенија, односно одредбите од материјалните индивидуални закони што го уредуваат именувањето на директорите во секоја јавна институција содржат само минимални услови што треба да ги исполнува кандидатот за да стане директор. Регулативата не одредува мериторна постапка за селекција на најдобриот кандидат за некоја директорска позиција, ниту критериуми врз основа на кои би се рангирале потенцијалните кандидати во таа постапка за селекција и избор, односно именување на најсоодветниот кандидат. Досегашната пракса покажува дека постапката е составена само од административната селекција, односно проверката дали ги исполнува минималните услови одредени со закон“, вели за Порталб.мк Минчева – Коцевска.

Таа истакнува дека организацијата што таа ја претставува, Центарот за Управување со Промени објавил еден извештај од набљудувањето и анализата на раководните структури на институциите од јавниот сектор, каде меѓу друго, ги анализирала и состојбите во врска со именувањето на директорите како вршители на должност (В.Д.).

„Истражувањето покажува дека околу 40 отсто од директорите се именуваат како вршители на должност, што може да го покаже фактот дека дел од овие лица не ги исполнуваат ни минималните услови за избор, односно именување директор, кои се предвидени со закон. Именувањето на в.д. директори не подразбира ни административна селекција, туку едноставно именување на некое лице, особено имајќи во предвид дека дел од овие лица постојано се именуваат како в.д. директори и по истек на одредениот рок за кој што може да се користи инструментот в.д., а тоа е рокот со времетраење од 6 месеци“, објаснува Минчева – Коцевска.

Според неа, донесувањето на Законот за високата раководна служба би бил важен чекор во насока на уредувањето на постапката на избор и именување на раководните лица во институциите од јавниот сектор.

„Законот предвидува мериторна постапка за избор и именување на директорите, што значи дека во овој закон се предвидени условите, критериумите и постапката за избор на најсоодветниот кандидат за таа позиција, како еден од клучните чекори за стручност на администрацијата и доброто раководство.

Законот е заглавен на ЕНЕР

Независно од потребата и повиците на експертите за донесување на овој закон што е можно побрзо, од 1 Октомври 2022 година, на ЕНЕР има соопштение за отпочнување на постапката за изготвување на предлог-законот за Високата Раководна Служба. Временскиот рок за изготвување на законот бил до 1 мај 2022 година и истиот е пречекорен.

„Законот е на ЕНЕР веќе некое време. Тој, исто така е дел од приоритетите кои се истакнати во Стратегијата за Реформи во Администрацијата 2018-2022. Сепак, за жал, сè уште не постои ниеден потег во насока на донесување, освен декларативните заложби на раководните лица на МИОА“, вели Минчева – Коцевска.

Досега на ЕНЕР се објавени неколку корегирани верзии на првичниот предлог-закон од 15 февруари 2019 година. Последната верзија е објавена на 17 септември 2021 година, меѓутоа сè уште не се знае дали оваа верзија ќе биде финална или ќе претрпи измени.

Во описот на проблемот што треба овој закон да го реши се вели дека „Во законодавството на Република Северна Македонија нема јасна разлика меѓу политичкото и стручното ниво, односно надлежностите на високата раководна служба не се јасно одредени“.

„Општите услови за именување и разрешување на лицата сега се уредени со посебни материјални закони за посебни области на јавниот сектор. Овие закони содржат неодоволно уредување (обично само одредби за објавување на јавен оглас и општи услови), а не одредби за критериумите, постапката за селекција на кандидатите за раководни позиции. Очигледно е дека нема јасни правила за именувањето и разрешувањето на директорите и секретарите и нема јавен оглас за поголемиот број на овие позиции, што го загрозува начелото на мериторноста“, се вели понатаму во описот на предлог-законот.

Во секцијата каде што пишува за целите на законот се вели дека главна цел за основање на Високата раководна служба е одделувањето на политичкото од стручното ниво, одредувањето на линиите за отчетност на високите раководни лица, што ќе придонесе за подобрување на јавните сервиси и зајакнување на доброто владеење како иманентно начело на функционирањето на јавната администрација.

Предлог-законот предвидува да се формира една Комисија што ќе ги избира кандидатите за одредени институции според мериторниот систем и потоа да оформи краток список со имиња на најдобрите кандидати, кои потоа ќе бидат интервјуирани од страна на министерот на соодветниот ресор.

Донесувањето на овој закон е дел од реформите во администрацијата, кои, освен што се потребни за граѓаните, тие се и услов за интеграција на земјава во ЕУ. Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е носител на реформскиот процес, односно тие изработиле една Стратегија за Реформите во Јавната Администрација 2018-2022 која ги одредува мерките што треба да бидат преземени во период од пет години за да се постигнат општите и специфичните цели одредени во секоја од приоритетните области. Во меѓувреме, се подготвува и Стратегијата за Реформи во Јавната Администрација 2022-2030 која се најави дека ќе биде донесена во текот на јануари 2023 година, но сè уште не е донесена.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...