fbpx

Пановски: Најголемата опасност за водите се луѓето и нивните демони

-

Драма се води помеѓу еколозите кои бараат заштита и урбанистите кои бараат само градби, рече Дејан Пановски, претставник на Билатералниот секретаријат за сливот на Охридско Езеро, по повод Светскиот ден на водите, 22 март.

Во неговото обраќање под наслов „И натаму за водните демони!“, Пановски посочува дека на денот кога светот го одбележува Денот на водите, охриѓани се застанати пред за нив најзначајната Голема вода.

– Мудруваме дали треба да ја сочуваме или дозагрозиме, дали треба да штитиме вредности или да гледаме празен интерес. Мудруваме како да разговараме за нешто небитно, за нешто празно, небитно, невидливо. Во период кога светот сè повеќе пека за вода, за сочувување на секоја една капка за да може да го продолжи опстанокот и на човештвото и на природата, овде кај нас се одвива драма помеѓу еколозите кои бараат заштита и урбанистите кои бараат само градби. Овие вториве се сè уште многу, многу помоќни, не посилни. Па, наше е како еколози, иако многу помалку моќни, да пробаме да заштитиме макар и најмал преостанат дел од вредната животна средина и да го ставиме во принципите на одржливоста. Макар и квадратен метар преостанат, макар и кубик вода. Во таа битка, посебно за водата, еколозите насекаде низ светот се најчесто понижувани, под разни закани, под разни шиканирања. Истата судбина ја делиме овде – пишува Пановски.

Мисијата на екологијата, според Пановски, насекаде е да биде опозиција на штетните заложби, да биде конзервативна во сфаќањата и да мисли многу подолгорочно од краткорочните интереси, да бара одржливост на развојот. Тој додава дека битката за водата го надминува човечкиот век, но благородната мисија е вечна и не треба да застане какви и да се последиците, и лични и врз природата.

– Правиме се што можеме но како што вели Библијата – Па, јас ли сум чувар на својот Брат? Нашата вода на овој простор пред се’ е Охридско Езеро. Заради него сме овде. Години наназад се обидуваме да ја промовираме неговата заштита и во национален и прекуграничен карактер. Тоа е недделива вода географски но, административно силно поделена. За да се сочува треба истрајност, став, аргументи. Дури и тогаш кога интересентите ќе почнат да не’ убедуваат дека не постои Езеро, не постои вода, не постојат водни живеалишта, дека тоа е само грешка на нашите очи, можеби и на самата природа, дека сето тоа е безначајно и дека најдобро е да го урбанизираме па и целото езеро – додава Пановски.

Пановски појаснува дека многу опасности кои демнат наоколу, тивко ја загрозуваат еколошката состојба.

– Најголемата опасност секако се луѓето и нивните демони. Демонот на незаинтересираност, демонот на деструкција врз квалитетот на средината и водата, демонот за уништување на рибниот фонд, демонот на сечење на шумите, демонот за деградирање (најчесто урбано) на земјиштето околу езерото па дури и она кое е составен дел на истото. Тоа се демони кои тешко се запираат и против кои тешко се води еколошка битка. И иако во моментов оние кои се на страната на деградирањето и другите слични демони, мислат дека се големи победници во голема грешка се. Никогаш нема да победат. Не заради нас неколку,туку затоа што природата, езерото, во било каква варијанта на крајот на приказната ќе го возврати ударот, ќе си го земе своето и ќе победи над се’, колку и драматично, сурово, катаклизмички да изгледа таа победа – објаснува Пановски. В.М

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...