Црквата „Света Софија“ ќе блесне со нов сјај

Дворот и непосредната околина на катедралната црква „Света Софија“ во Охрид, добива нов лик, додека нејзината внатрешна акустичност – нов блесок за приредбите на меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето“.

Локалната самоуправа, најнапред ја огради југоисточната страна со ограда од ковано железо, со што беше оневозможено и понатаму да се паркираат возила до самиот ѕид на црквата. Не само што се оставаше грда слика и се манифестираше негрижа кон вредниот споменик, туку се нарушуваше атмосферата за концертите внатре, бидејќи „Света Софија“ е централниот музички подиум за фестивалот.

Локалната самоуправа направи чекор повеќе. Ја ископа целата површина од дворот на црквата, а утринава стручни екипи почнаа со сечење на старите дрва во дворот, кои подолго време претставуваа опасност за минувачите и за околните објекти.

Дел од жителите реагираа на сечењето, но надлежните појаснуваат дека се работи за стари дрва од видот „павловниа“, на чие место ќе биде засадени нови и комплетно парковски ќе се уреди просторот.

В.М.