„Ова е лудост“, порачуваат борците против рудниците на југоистокот по предизборните ветувања за нови концесии

Загриженоста кај активистите против рудниците на југоистокот на државата се зголеми откако предизборната кампања ги исфрли на површина ставовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ за развој на рударски капацитети во земјата, содржани во нивната предизборна програма.

Во програмата се наведува како приоритетно отворањето на пет рудници: Лојане-Липково, Кадиица-Пехчево, Плавица, Тајмиште и Стогово. Во Изборната програма на партијата меѓу другото стои дека: „Само за периодот 2021 – 2022 година планираме годишно да доделуваме најмалку по 1-2 концесии за експлоатација на металични минерални суровини (бакар, злато, сребро, олово, цинк, молибден и др.)“.

Неодамна Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во изборна единица 3 која го опфаќа источниот дел од земјата, во Пробиштип најави дека ако дојдат на власт ќе реализираат нов проект за отворање на рудници со металични и минерални суровини. „Во следниве четири години, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ преку отворање на овие рудници ќе овозможи вработување на најмалку 300 луѓе од Пробиштип и околината“, изјви Јанушев.

„Ова е лудост“, вели Ѓорѓи Танушев од здружението „Здрава Котлина’.

„Го слушнавме Јанушев, а досега не видовме ниту еден став од ВМРО-ДПМНЕ за рудникот Иловица-Штука, иако Мицковски од Струмица ја почна кампањата. Но, прочитавме во програмата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе доделуваат најмалку 1 до 2 концесии годишно за рудници на бакар, злато, сребро, олово, цинк, молидбен“, вели Танушев и додава дека населението нема да дозволи рудници во југоисточна Македонија.

Активистите против рудниците бараат од двете најголеми партии децидно да се изјаснат дали населението на Југоистокот ќе биде жртвувано за да му се удоволи на рударскиот бизнис.

Ангел Наков од здружението „Спас за Гевгелија“, кое се бори против отворање на рудници на планината Кожув вели дека технологијата на лужење на рудата со отворени копови, каква што е предвидена за рудниците на бакар и злато, каде и да се примени во нашата земја, ќе значи и еколошка катастрофа не само за локалното население туку и за поширокиот регион.

„Замислете да се отворат пет или повеќе нови рудници, кои ќе загадуваат во радиус од најмалку 50 километри. Колку чиста и здрава околина ќе ни преостане“, прашува Наков.

Минатиот викенд активистите од регионот организираа протестни собири против отворање на рудникот за бакар и злато Иловица во Струмица и околината. Тие упатија барање до Вишиот Управен суд, до Судскиот совет како и до политичките партии да не го игнорираат ставот на локалното население против отворање на овој рудник.

Во саботата беше одржан моторизиран протест низ улиците на Струмица во кој зедоа учество, според зборовите на организаторите преку 200 возила од струмичкиот крај, како и од Валандово, Богданци, Гевгелија, Радовиш и Скопје додека во неделата протестен собир организиран од младите на селата Штука и Иловица.

„Вие, кои заговарате рудник и имате личен финансиски интерес, кои работите против законите, против животите на месното население и кои сте подготвени да нè отруете и да ги убиете идните наши поколенија, што и да одлучите и што и да се договорите, нема да дозволиме отворање на рудник во нашиот крај“, порачаа организаторите на протестите: „Здрава котлина“ од Струмица, „Еко долина“ од Ново Село, како и Граѓанска иницијатива „Спас за струмичка котлина – Стоп за рудникот на смртта“ во обраќањето од протестот во Струмица.

Струмичките борци против рудникот Иловица побараа да се запазат жалбените рокови во случајот со Иловица откако Управниот суд го врати предметот на Второстепената владина Комисија за решавање на управни спорови по барање на канадската компанија Еуромакс Рисорсис.

„Последен рок во кој треба да го решите проблемот со рудникот на смртта е 13.07.2020 година, токму поради истата итност со која Управниот суд реши да донесе пресуда во вонредна состојба. Не бидете лицемерни туку одговорни и продолжете со истата таа итност“, се вели во обраќањето на струмичките еко-активисти во врска со рокот за жалба кој државата го има на располагање да ја обжали одлуката на Управниот суд,  кој тече откако беше укината вонредната состојба.

Од прес-службата на Еуромакс Рисорсис, пак, велат дека биле разочарани што некој се обидувал во предизборниот период неодговорно да „се пазари“ со судбината на илјадници жители од регионот кои преку проектот за рудникот имале можност да си обезбедат квалитетни работни позиции и значително подобрување на животниот стандард. Оттаму сметаат дека нивниот проект за Иловица бил најголема директна странска инвестиција во државата и дека немало да ја загадува почвата, водата и воздухот, ниту ќе претставувал опасност за здравјето на луѓето бидејќи, според нив, одржливото рударство и земјоделство можат да егзистираат заедно.

Управниот суд уште на 31 март годинава, во екот на кризата со епидемијата и за време на вонредна состојба донесе одлука со која ја поништува одлуката на Второстепената владина комисија врз основа на која беше раскинат договорот за концесија со Еуромакс. Но, јавноста за оваа одлука на судот дозна кон средината на мај, дури откако канадската компанија самата се пофали за тоа.

Локалното население од Струмица и околината две години се спротиставуваат со остри протести и барања до надлежните да нема рудник во овој земјоделски крај. Според нив, рудниците ќе ја уништат животната средина во овој крај и драстично ќе го намалат квалитетот на живот.