Отворен повик за учество на хакатон на НАСА за вселенски иновации за студенти и средношколци

Светскиот хакатон NASA Space Apps Challenge оваа година кај нас ќе се одржи по 8 пат во организација на Њуменс Бизнис Акцелератор од 2 до 4 октомври 2020, но за прв пат ќе биде во форма на комплетно виртуелен настан заради безбедност на сите учесници, информираат организаторите. Тие го објавија повикот за учество на NASA хакатонот до сите заинтересирани студенти, средношколци и ентузијасти од земјава.

Реализацијата ќе биде поддржана од глобална виртуелна форма преку која можат да се формираат тимовите, заеднички да се работи на решенијата, а учесниците ќе можат и директно да разговараат со експертите од NASA кои ги креираа овогодинешните предизвици.

Станува збор за најголемиот хакатон во светот кој се случува истовремено на над 200 локации на 5 континенти и поврзува отворени податоци од вселенските агенции со млади иноватори и решавачи на проблеми.

Предноста на тоа што настанот оваа година се одржува виртуелно е што нема потреба да се доаѓа на физичката локација во Скопје и секој може да учествува од својот дом независно каде се наоѓа, а тимовите можат да бидат составени дури и од учесници кои живеат и работат во странство. Ова може дополнително да им ги зголеми шансите за добар пласман па и победа доколку состават добар тим со максимум 6 члена со различни вештини, велат организаторите.

Овогодинешниот хакатон се одржува со традиционалната поддршка на Американската Амбасада во Скопје, а освен NASA оваа година партнери се уште 4 вселенски агенции и тоа: Канадската (CSA), Француската (CNES), Јапонската (JAXA) и Европската (ESA) кои исто така обезбедуваат податоци, ресурси и експерти.

Предизвиците на кои ќе може да се работи се организирани во 6 категории и тоа: Набљудувај, Информирај, Одржи, Креирај, Спротистави се, Поврзи се. Повеќе информации на: https://2020.spaceappschallenge.org/challenges/. Пријавувањето треба да се изврши најпрво на следнава форма: https://forms.gle/YyiB4xjhjookojqS7, а потоа и на глобалната страна https://2020.spaceappschallenge.org/locations/skopje/.

На крајот од Хакатонот ќе бидат прогласени 3 победнички тимови кои ќе добијат трофеи и награди обезбедени во соработка со Sony, а ќе бидат номинирани и за една од 6те глобални награди од NASA со можност да добијат покана за посета на Kennedy Space Центарот во Флорида и да присуствуваат на полетување на ракета, по отворањето на границите со САД.

Дополнително по 6ти пат се организира и натпревар за најмладите NASA KIDS Space Challenge за сите на возраст од 4 до 14 години. Пријавување на: https://forms.gle/V7dBq4gPT3PEBUfB8. Сите најнови информации во врска со хакатонот може да се проследат на следниве фејсбук страници: https://www.facebook.com/NASASpaceTechMK и https://www.facebook.com/NewMansBA.