Прогласени победниците на натпреварот Зелени идеи 2024

Годинава, во победничките идеи доминира зелената димензија за зачувување на ресурсите и животната средина и видливиот степен на иновација

Фото: АРНО

Организацијата за социјални иновации „АРНО“ ги прогласи победниците од десеттото издание на натпреварот „Зелени идеи“ кои продолжуваат со натпреварување на регионално ниво во септември во Сараево, БиХ.

Жири комисијата на натпреварот, во категоријата зелени идеи ги избра идеите „Урбана фарма во контејнер за производство на микрозелени со аеропонски систем на одгледување“ на Снежана Јаќовска, Интеллигент Индоор Фарм ДООЕЛ Скопје и „BIOHIDE – One SCOBY at a time“ на Ангелина Серафимовска од ЛеатхерандХиде , додека за ембрионска победничка идеја беше избрана идејата на Трајче Рушев „Mobi Stove, мобилен шпорет за готвење во природа“.

Годинава, во победничките идеи доминира зелената димензија за зачувување на ресурсите и животната средина и видливиот степен на иновација.

За националните победници, партнерите обезбедиле поддршка: бесплатна регистрација на платформата Connect2MK и менторски услуги од „Македонија 2025“, бесплатно двегодишно членство во Стопанска комора на Северо-западна Македонија. софтверски кредити од Амазон, во вредност од 5000 долари, во траење од 2 години доделни од Aspire Accelerator.

И годинава, на трите национални победници, АРНО им доделил промотивни пакети од еко садливи картички изработени од македонскиот зелени бизнис Визарт-поранешен победник на натпреварот.

„Годинава малку бевме загрижени за содржината на апликациите кога ги читавме, но сите кои презентираа денес беа одлични – презентациите беа со добра естетика, со одличен тек, со лични приказни, самото жири беше изненадено. Ќе размислиме за следна година, за нов формат на апликацијата, изгледа досадно е веќе текстуален формулар. Тематски во 2024-та забележуваме доста силна зелена компонента, има некоја свест изградена повеќе“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Илустрација: АРНО

„Го започнуваме процесот на производство со култивирање комбуха, која произведува целулоза како природен нус-производ. Оваа целулоза потоа се преработува во материјал сличен на кожа, со истата луксузна текстура и сила како традиционалната кожа. Нашата био-кожа нуди одржливо решение за еколошките и етичките проблеми поврзани со традиционалното производство на кожа, со значително помал јаглероден отпечаток и без присуство на отпадна на вода“, изјави Ангелина Серафимовска од ЛеатхерандХиде.

„Зголемувањето на побарувачката на храна и намалувањето на производството на земјоделски произведена храна, поради недостаток на обработлива земја, ги наведоа производителите да користат производство на земјоделски култури во затворени простории. Намалувањето на земјоделско производство главно се должи на намалување на плодно земјиште, неповолните климатски услови и ограничувањата на користење на природните ресурси. Одгледувањето на микрозелени и микробилки со аеропонски систем во контејнер е нов производ на македонскиот пазар“, изјави Снежана Јаќовска од Интелигент Индоор Фарм.

„Мобилниот шпорет Mobi Stove е наменет и дизајниран за готвење во природа. Како гориво користи отпадна биомаса, која се наоѓа секаде во природата. Тежок е само еден килограм и склоплив, што го прави многу едноставен и лесен за транспорт. Дизајнот дозволува и регулација на температурата, односно на оганот, со осум различни степени од најслаб до најсилен“, изјави Трајче Рушев.