Отворен конкурсот за млади автори и уметници „Цртај на македонски јазик“

„Младите уметници и автори од независната културна сцена и оваа година добиваат можност со своите креативни идеи да придонесат кон зачувување на нашето најголемо богатство, мајчиниот јазик“, вели министерката

Фото: Image by Michal Jarmoluk from Pixabay

Конкурсот „Цртај на македонски јазик“ за 2023 година е отворен, а е наменет за млади автори и уметници од независната културна сцена. Целта е преку различни културни активности да се поттикне создавањето на дела со употреба на македонскиот јазик од младите уметници и независната културна сцена, неформални групи и автори од областа на културата.

„Младите автори лани со кирилицата пополнија празнина во новиот медиумски простор. Младите уметници и автори од независната културна сцена и оваа година добиваат можност со своите креативни идеи да придонесат кон зачувување на нашето најголемо богатство, мајчиниот јазик“, вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа ги покани сите заинтересирани најдоцна до 30 јуни да аплицираат на конкурсот кој е објавен денеска во медиумите и на веб-страницата на Министерството за култура.

Предлог-проектите може да бидат ликовни интервенции во урбан простор (графити) создадени на македонски јазик, стикери (налепници) за социјални мрежи и канали на комуникација (вибер, инстаграм), самостојни и групни изложби на дела создадени со користење македонски јазик; литературни промоции, организирање дебати, конференции, работилници и слично.

Локациите за претставување на проектите може да бидат во установите од областа на културата, но и други јавни и алтернативни простори, дури и нефункционални, руинирани објекти или простори кои можат да добијат нов современ лик како уметничка сцена. Манифестацијата ќе се одвива од 15 јули до 1 октомври.

Предност имаат млади автори до 30 годишна возраст кои за првпат конкурираат, мали проекти кои како активност се планирани да се реализираат во наведениот период со користење на македонскиот јазик.