Отровниот воздух нѐ убива, државата со прст не мрда да ја намали употребата на нафта и мазут во јавните институции

Над 740 јавни установи во сите делови од земјата сѐ уште се греат на мазут или нафта. Болници, училишта, градинки, спортски сали, затвори, културни установи.... се дел од долгата листа на загадувачи, кои користат фосилни горива и придонесуваат за загадување на воздухот

Фото: Мета.мк

Над 740 јавни установи во сите делови од земјата сѐ уште се греат на мазут или нафта. Болници, училишта, градинки, спортски сали, затвори, културни установи…. се дел од долгата листа на загадувачи, кои користат фосилни горива и придонесуваат за загадување на воздухот. Листата и мапата, што ги креираше граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, неодамна беше ажурирана и на неа беа додадени нови државни и општински објекти кои се греат на нееколошки начин.

Според податоците објавени за време на одржување светскиот климатски самит во Дубаи, отровниот воздух, директна последица на користењето фосилни горива убива над пет милиони луѓе во светот. Во земјава, според податоците од Институтот за јавно здравје, се проценува дека секоја година околу 4.000 луѓе умираат како директна последица на загадениот воздух. Проблемот со кој се соочува речиси секоја урбана средина во земјава има длабоки корени. Географската поставеност и природните услови допринесуваат во одреден процент, но вистинските прични за огромната загаденост на воздухот лежат во човекот и неговите активности.

Македонија има огромен број јавни институции кои трошат илјадници литри нафта и мазут за греење секоја зима. Меѓу нив има и големи болници, кои би требале најмногу да се грижат за здравјето и добросостојбата на граѓаните. Промената на начините на затоплувањето на државните и општинските објекти е иницијатива која постои веќе неколку години, но, за жал се одвива со бавни чекори.

Мапата на „Шанса за Центар“ покажува дека речиси секоја урбана средина има јавни објекти кои се греат на нафта или мазут. Од таму велат дека листата постојано се обновува и надополнува со нови, а најновото ажурирање било направено токму неодамна.

Проблемот, посочуваат, е во тоа што никако не можат да почнат да пополнуваат листа со објекти кои ја смениле оваа практика и инвестирале во еколошки системи, бидејќи таквите се бројат на една рака.

Мапата која ја направивме врз основа на податоците од јавните набавки на институциите ни е со цел да видиме колку вакви установи има во целата држава, колку трошат енергенси и каде се позиционирани. За жал, произлезе дека такви се засега околу 740 објекти во целата држава од кои над 100 само во Скопје. Велиме засега поради тоа што сѐ уште се случува да најдеме некоја нова установа која користи нафта за греење, мазут или огревно дрво и ја додаваме на мапата, вели Јане Димески, советник на „Шанса за Центар“.

Тој посочува дека ажурирањето на мапата на институции-загадувачи го прават тековно и дека бројот на овие установи постојано се зголемува. Димески потенцира дека во периодот по 2020 година не идентификувале некоја која го променила начинот на греење.

На мапата може да се погледнат точните локации на овие јавни институции, кои најчесто се лоцирани во урбаните јадра и ги има во речиси секој град. Концентрацијата во Скопје е најголема, има над сто, а во Битола има над 40 вакви објекти од кои неколку кои користат мазут се буквално во центарот на градот.

Практично овие загадувачи формираат гроздови кои заеднички „чадат“ и насекаде го загадуваат воздухот со што покрај домаќинствата, индустријата, депониите сериозно придонесуваат воздухот да биде загаден. Првичните пресметки ни покажуваат дека една голема установа како на пример болница, за загревање троши енергенс колку неколку десетици домаќинства и логично е дека многукратно повеќе загадува. Затоа сметаме дека јавните институции мора да бидат приоритет во справувањето со загадувањето и дека итно мора да се смени начинот на греење на сите кои користат нафта и особено мазут. На пример, недозволиво е да има седум големи болници кои се греат на мазут, вели Димески.

Тој прашува како е можно во Скопје толку голем број на јавни установи досега да останале надвор од системот на централното парно греење и вели дека не слушнал досега за некаква иницијатива тие да се приклучат, иако тоа би решило голем дел од проблемот.

Од Министерството за животна средина велат дека не располагаат со точен број на институции кои се греат на фосилни горива. Во нивната евиденција се внесени само установите кои одговориле на нивното барање и самите им испратиле податоци за начинот на затоплување што го користат, но потврдуваат дека значителен број сѐ уште користат нафта за загревање, мазут се користи само во одреден број здравствени институции, а дрва многу поретко. Некои објекти се греат на природен гас преку градска топловодна мрежа или со сопствени системи за греење, а има некои, не во голем број, што користат пелети како гориво.

Од Министерството велат дека во изминатите години постојат неколку примери во кои е целосно сменет начинот на затоплување во нов, еколошки, како што е Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза” во Скопје, која сега се загрева со течен гас. Со реализацијата на Планот за чист воздух 2018-2020 година, градинката „Пролет“ во Карпош започна да користи еколошки систем на греење и ладење со термални пумпи кои работат на системот „воздух – вода“, основното училиште „Св. Климент Охридски“ во Бутел се префрли на гас, четири градинки од Општините Кисела Вода, Аеродром, Струмица и Кавадарци добија нови системи за греење, како и пет основни училишта во Тетово, Могила и Кавадарци и два објекти на Општина Струмица. Скопското средно училиште ЕМУЦ „8 Септември“, кое за загревање набавува по 24 илјади литри нафта, во октомври минатата година објави тендер за приклучување на централното градско парно греење.

Од Министерството информираат дека во тек е проект за подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор со вкупен фонд од 25 милиони евра кој предвидува инвестиции за енергетска ефикасност во објекти во надлежност на општините и на централната власт.

Во тек и проектот EU for Clean Air со вредност од 10 милиони евра од ИПА фондовите, чија цел е намалување на загаденоста на воздухот и намалување на ризиците по здравјето на луѓето. Ќе се спроведува во четири големи градови Скопје, Битола, Куманово и Тетово со проекти за намалување на емисиите на PM2.5 и PM10. Еден од очекуваните резултати од овој проект е намалено загадување и од системите за греење во јавни згради, преку замена на застарени и неефикасни котли во 70 јавни објекти во овие градови, велат од Министерството.

Од таму сметаат дека, со оглед на тоа што замената на еден систем на греење со друг е долг процес од неколку фази, а бројот на објекти е голем, потребно е секоја година да се прават приоритети и избор на институции кај кои би се извршила замената.

„Во овој процес потребно е да учествуваат сите органи на државната управа како и единиците за локална самоуправа, под чија надлежност се објектите во кои треба да се изврши замена на системите за греење, кои би направиле програма со временска рамка во која би биле вклучени проекти, проценети потребни финансиски средства, нивно обезбедување и реализација на проектите“, велат од Министерството.