fbpx

Општина Тетово лани не успеа да оствари ни 10 отсто од планот за изведба на паркинзи

-

Општина Тетово не успеа во целост да го реализира планот за изведба на паркинзи во 2022 година. Според годишниот план претставен во јануари минатата година, планирано беше до крајот на 2022 година да се создадат нови 3.090 паркинг места, но во овој период се завршени 284, односно само 7 отсто. Како што информираат од општината, планот не е реализиран во целост поради тешкотиите на кои наидувале. Во Тетово сè уште има сообраќаен хаос, пишува Порталб.мк.

Според планот претставен на 11 јануари 2022 година, Општина Тетово планираше да го зголеми бројот на паркинг места до крајот на годината, и тоа преку зонско паркирање, затворени паркинзи и катни гаражи.

Овој план се состоеше од пет фази, бројот на зонските паркинг места беше 410, на затворени паркинг места 790 и во катните гаражи 1.890 паркинг места. А до крај на годината, во градот беа планирани 3.090 нови паркинг места.

Овој план не се реализираше според најавените фази и временски рокови. Порталб.мк го следеше овој проект и известуваше за сите фази. Но, денес, од општина Тетово велат дека при реализацијата на овој проект наишле на потешкотии.

„Во периодот од јануари до декември 2022 година, и покрај тешкотиите на кои наидовме како општина, успеавме да создадеме 284 нови паркинг места и тоа: 70 паркинг места кај Блок 77 (паркинг Мема), 34 паркинг места на улица „Страшо Пинџур“, 70 паркинг места кај комплексот Саранда, 30 паркинг места на улица 120 (кај Пазарот), 40 паркинг места Р1 (за резиденти), 40 паркинг места Р2 (за резиденти)“, рекоа од Општина Тетово за Порталб.мк.

Тоа значи дека сè уште нема катни гаражи, создадени се нови паркинг места за жителите резиденти, а во некои делови е направено и проширување на зонскиот паркинг, но не значи дека се создадени нови дополнителни паркинг места, бидејќи на тие места во минатото се паркирале возила, но не било зонско паркирање, односно не се плаќало за паркирање на возилата.

Проширувањето на принципот на зонското паркирање се чини дека е показател за зајакнувањето на финансиската состојба на претпријатието за паркинзи, кое во изминатиот период континуирано работеше со загуба. Само минатата година, во првиот и вториот квартал претпријатието имаше добивка од над 100 илјади евра, а во третиот квартал претпријатието имаше добивка од 29 илјади евра.

Потсетуваме дека во овој период се зголеми цената на зонското паркирање, на затворените паркинзи, и на пајак службата.

Што се однесува до катните гаражи и затворените паркинзи, од општината велат дека нивната изградба ќе започне во текот на оваа година.

Градоначалникот на Тетово не го одржа предизборното ветување за бесплатно паркирање до создавање на доволно паркинг места за секој автомобил. Паркирањето беше бесплатно само две недели и потоа претпријатието почна со наплата.

Бројот на возилата регистрирани со тетовски регистарски таблички е голем, околу 44.000, и хаосот во сообраќајот е очигледен, особено во последните денови кога протокот на автомобили значително се зголеми поради доаѓањето на иселениците за новогодишните празници. Иако за време на зимскиот распуст општината некои училишни дворови ги претвори во паркинзи, тоа сепак не е недоволно за да се реши овој проблем.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Невреме ја зафати Македонија: Заглавено семејство во Јегуновце, падна ограда врз две возила во Автокоманда

Поради обилни врнежи од дожд проследени со град што ги зафатија скопскиот, тетовскиот и гостиварскиот регион на патниот правец Скопје – Тетово – Гостивар има одрони и помали свлечишта...