Фото: Арбнора Мемети

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со различни ставови по бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ. Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски во интервју за „Студио 10“ на „24 ТВ“ денеска побара Собранието да усвои Меморандум во однос на идентитетските прашања, а покрај овој чекор, тој побара и формирање на експертска влада и организирање на нови предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори на пролет.

Мицкоски посочи дека, теоретски ако ние сега ги почневме преговорите кои ги посакуваме, повторно ќе стоеше тој Дамоклов меч од тој момент, до полноправно членство за сите овие прашања кои се отворени од политичарот Зоран Заев, оправдувајќи го на тој начин барањето на опозицијата за Меморандум.

„Нека биде тој документ резултат на еден напорен работен ден помеѓу претставници на сите политички парламентарни партии и ги повикувам вонпарламентарните партии да се приклучат да го потпишат и да ја затвориме таа тема“, изјави Мицкоски.

Одговор на ваквото барање тој експресно доби од портпаролот на владејачката партија СДСМ, Костадин Костадинов, кој посочи дека нема потреба од какви било меморандуми.

„Како што реков и во прес-конференцијата очекувам дека Христијан Мицкоски треба да излезе пред јавноста и јасно и гласно да им се извини пред се на Македонците а секако и на сите останати наши сограѓани во нашата Република Северна Македонија.
Ние во НАТО алијансата влеговме како Македонци кои што зборуваат македонски јазик. Истото ќе се случи со нашиот влез во Европската Унија. Нашите црвени линии се нашиот македонски идентитет и македонски јазик и за тоа ниту се разговарало, ниту се преговарало, ниту тоа во иднина ќе се случува. По изнесените лаги, клевети,  по ширењето на таквите дезинформации, за што потврди студија од Европската Унија, од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски разбирам дека нема друг начин како да се извадат од таквата ситуација. Единствено што им останува е дополнително да шират хистерија помеѓу граѓаните“, изјави Костадинов.

Премиерот Зоран Заев пак во интервју за „Слободна ТВ“ посочи дека Владата на избори добила мандат да го продолжи патот кон ЕУ.

„Во 2019 година го повикав народот на избори да се изјасни дали останува на патот на ЕУ и народот со својот глас покажа кој е патот и дека тој нема алтернатива. Затоа ние немаме друг избор освен да ги побараме сите опции за да постигнеме решенија за отворените прашања со Бугарија за да отпочне процесот за преговори за членство со ЕУ“, истакна Заев.

Тој изјави дека политиката на државата е навистина европска и дека сме прифатиле дијалог за прашања за кои можеме да разговараме.

„Во делот на забрзување на спроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство, во делот на имплементација на досега постигнатите заеднички ставови Комисијата за историски и образовни прашања во делот на учебниците во Бугарија и во Северна Македонија. Направивме акциски план, одредени клаузули ги преточивме во меморандум, декларации. Но, има нешто за што не се преговара, како што се идентитетските прашања“, изјави Заев.