fbpx

Онлајн тролови – исфрустрирани интернет зависници или моќно пропагандно оружје

Троловите и секаков вид на неавтентично онлајн однесување станува сеприсутно во онлајн просторот и има потенцијал за сериозни последици во „вистинскиот живот“

-

Најверојатно ви се случило – коментирате некаков свој став на Фејсбук или пак постирате нешто што и можеби не ви се чини така контроверзно. Се појавува некој со спротивставено мислење и со провокаторски, нелогичен и тврдоглав тон. Наеднаш, целиот разговор е фрлен во нов нелогичен правец, трошите време и живци и на крај се запрашувате како може да постојат вакви луѓе.

White Teeth Troll GIF
Трол, илустрација: giphy.com

Накратко, сте наишле на трол.

Троловите се онлајн феномен, чија дефиниција константно се менува и проширува. Генерално станува збор за луѓе кои го користат онлајн просторот за да изнервираат други корисници на одредена социјална мрежа и каква било нормална дискусија да ја исфрлат од колосек.

Анонимноста на интернетот и како и недостигот на директен физички контакт го овозможува овој нов социјален и бихевиористички феномен, каде луѓе кажуваат работи кои најверојатно не би кажале лице в лице со некого.

Но, во последните неколку години се забележува еден нов „подвид“ на оваа онлајн појава. Новите тролови не се кријат зад анонимен акаунт и не се веќе независни актери, туку носат со себе армија истомисленици.

Ваквите тролови се ангажирани и платени од политички партии – работат на т.н. „трол фарми“. Овие „политички“ тролови веќе не се само мотивирани од некој сопствен ќеиф, туку целат да го преплават онлајн просторот со своите ставови, или поточно ставовите на тој кој ги плаќа.

Троловите и секаков вид на неавтентично онлајн однесување станува сеприсутно во онлајн просторот и има потенцијал за сериозни последици во „вистинскиот живот“, од српските „ботови“ до локални тролови кои создаваат лажна слика за нивото на поддршка на некој политичар.

Неавтентичноста и психологијата на троловите

Различните видови тролови го делат тоа што нивната онлајн активност не е автентична – дали поради тоа што ги преувеличуваат своите ставови за да добијат некаква реакција од друг за свое морбидно задоволство или поради тоа што се платени за да го имаат ставот кои го пласираат во онлајн просторот.

„Независните“ тролови кои одлучуваат да го уриваат онлајн просторот го илустрираат психолошкиот феномен наречен „негативна социјална потентност“, односно добиваат задоволство од тоа некој друг да страда или да реагира негативно на тоа што го прават. Според професорот Марк Грифитс, „повеќето луѓе ги тролаат другите за одмазда, за внимание, за лична забава или од досада“.

Екстремното тролање може и да премине во кибернасилство. Но, тоа што го двои тролањето од типично кибернасилство е тоа што троловите најчесто сакаат центарот на внимание сакаат да е на нив, а не на жртвата.

За разлика од нив, на модерниот платен политички трол не му е цел ни тој ни жртвата да е во центарот на вниманието, туку идејата која одреден политички актер сака да се пласира.

Кај платените тролови, помалку е важен индивидуалниот психолошки профил на троловите, бидејќи тие не делуваат од сопствена волја. Соодветно, Мета, сопственикот на Фејсбук и Инстаграм, ги нарекува активностите на троловите од политичките трол фарми „координирано неавтентично однесување“.

Операциите на политичките тролови

Главната стратегија на платените тролови е „преплавувањето“, односно постирање содржини од одреден тип во изобилство. Станува збор за работа на „трол фарми“, мрежа од луѓе (кои често стојат зад повеќе акаунти) чија работа е да постираат одреден вид содржини на социјалните мрежи по цел ден.

„Ако имаме тема за којашто се зборува и се вклучат тролови поради некаква причина затоа што некој има интерес, тие ќе го преплават дискурсот. Ако јас и ти дискутираме нормално – јас сум за, ти си против – може да има некаква дебата. Ама ако ти имаш трол фарма и 200 луѓе под твојот коментар ќе напишат ‘да, да така е’ – во чиј интерес ќе оди дебатата?“, вели Михајло Лахтов, специјалист за медиуми и медиумска писменост.

Една од најпознатите трол фарми е руската „Агенцијата за интернет истражување“ (АИИ), со седиште во Санкт Петербург. Таа ѝ стана позната на јавноста поради нејзината улога во претседателските избори во САД во 2016 година, измислувајќи вести во политички интерес на Доналд Трамп. Еден од вработените во агенцијата зборуваше со Вашингтон пост за тоа како било да се работи во агенцијата.

„Се чувствував како лик во книгата „1984“ од Џорџ Орвел – место каде што треба да напишете дека белото е црно, а црното е бело. Вашето прво чувство, кога завршивте таму, беше дека сте во некаква фабрика која лажењето, кажувањето невистини го претвори во индустриска монтажна лента. Имаше огромен број луѓе, од 300 до 400, и сите тие пишуваа апсолутни невистини“, раскажуваше за „Вашингтон пост“ анонимно лице кое било вработено во „Агенцијата“.

Една од зградите на „Агенцијата за интернет истражување“, лоцирана во Санкт Петербург | Фото: Charles Maynes, Public domain, преку Wikimedia Commons

Но, рускиот модел на тролинг е само еден начин на работа.

„Многу се интересни кинеските трол лаборатории. Тие користат позитивна трол стратегија, тоа значи дека нивните тролови не влегуваат во дискусија, не негираат ништо, не се караат (како рускиот трол модел), не ве убедуваат дека западот е лош и Кина е добра, туку само мултиплицираат претходно подготвени пропагандни видеа и содржини за колку е убаво и фино во Кина. Тие работат во заштита на специфичен интерес на државата. Кина има државна агенција за пропаганда којашто ја раководи пропагандата, тоа е сложен модел, реформиран во 1990-ти години“, објаснува Лахтов.

Доколку се обидеме да го сместиме ваквото „позитивно“ тролање во контекстот на првичната дефиниција на тролање како онлајн однесување чија цел е да изнервира друг човек, гледаме како користењето на неавтентично онлајн однесување се има развиено и проширено низ годините.

Разноликоста на видовите тролови се виде во обемниот список на трол акаунти кој беше објавен во 2023 година во Србија. Троловите, или „ботовите“ како што и се нарекуваат понекогаш, се поделени во три категории: „супер специјал“, „фанови“ и „хејтери“. Драган Видаковиќ – Мрки, кој го објави списокот, лани за Мета.мк објасни дека „супер специјал“ се најактивните ботови кои ги напаѓаат противниците на партијата и пласираат лажни информации за нив, а фановите шират „поддршка за режимот“.

„Хејтерите се тие кои ја напаѓаат секоја вест на слободните медиуми. Често може да се видат со коментари од типот ‘Не сум за Вучиќ, ама овие…’ или ‘Сите се исти’ и слични коментари. Хејтерите се задолжени за убивање на моралот на оние кои се политички неутрални“, објасни тогаш Видаковиќ за Мета.мк.

Пост на Инстаграм профилот на Александар Вучиќ, каде тој ги исмева обвиненијата околу ботовите | Извор: Инстаграм профил на Александар Вучиќ

Српските трол-фарми исто така открија дека троловите ненужно се платени. Како што раскажа Јована Брајовиќ, која јавно зборуваше како поранешен „бот“ на Српската напредна партија (СНС), таа не видела еден динар од своите активности, туку била уценета дека ако не „трола“ ќе ја загуби работата во хидроелектраната Ѓердап.

Лахтов вели дека има забележано ваков вид на неавтентични акаунти, ги има забележано и во коментарите на македонски политичари. Имено, поранешниот министер за здравство и за образование во владите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, во интервју во 2018 година откри дека партијата негува партиски ботови кои се користат за да спроведуваат линч на социјалните мрежи, да шират невистини и говор на омраза.

Слична изјава имаше и поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова која во 2019 година јавно го потврди постоењето на партиските ботови.

Што може да се преземе за троловите

Иднината на контролирањето на тролањето не е светла. Справувањето со тролање дополнително ќе се отежни откако нивната работа ќе им се „олесни“ со технологијата која користи вештачка интелигенција. Ако претходно споделувале дезинформации, сега истите ќе можат да споделуваат дезинформации со лажни слики или видеа, генерирани со помош на вештачка интелигенција.

„Мора да се стави акцент на медиумската писменост за да се намалат штетните ефекти на тролањето. Граѓаните од мали преку образованието треба учат како функционираат социјалните медиуми, на кој на начин оперираат. Треба да го разберат системот на алгоритми за да разберат зошто некоја содржина ви се појавила. Зошто се појавил кај тебе а не кај некој друг? Кој ги уредува и кој ги дизајнира денешните содржини, затоа што веќе нема еден уредник“, објаснува Лахтов.

Во таа насока, ако воопшто има регулација во однос на онлајн просторите, Лахтов смета оти таа треба да биде насочена кон самите технолошки компании на чии платформи делуваат троловите, а не кон индивидуалните тролови, бидејќи таквите регулации лесно може да ги прекршат правата на слободата на изразување.

„Во овој свет имаме ситуација каде што како никогаш досега може да споделува информации и податоци без никаква контрола и без никаква регулатива. Никој, ниту Гугл ниту Мета, не открива како е направен нивниот алгоритам. Јас се залагам за правна регулатива, правна рамка, којашто ќе ги обврзни јавно да ги објават своите алгоритми – што води кон што, кои податоци се користат“, вели Лахтов.

Европската унија го изгласа Законот за дигитални услуги (DSA), кој бара повисоко ниво на транспарентност од големите онлајн платформи, како Мета, Гугл, Амазон и други, особено кога станува збор за политичко осетливи теми.

Во однос на САД, претседателот Џо Бајден во октомври 2023 година потпиша извршна наредба за користењето на технологијата која користи ВИ. Таа вклучува наредби за поголема транспарентност од компаниите во однос на податоците што се користат, заштита од дискриминација при користењето на овие алгоритми, како и соодветно обележување на содржините генерирани од ВИ.

Додека чекаме на соодветна правна регулатива во технолошкиот сектор, останува на секој од нас да внимава да не заглави во војни со коментари и да биде свесен какви сѐ тактики на манипулација користат политичките актери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е вистина дека Германија и НАТО испраќаат 90 илјади војници на фронтот со Русија

Тврдењето дека НАТО и Германија испраќаат 90 илјади војници на фронтот со Русија, е погрешно. Станува збор за најголемата воена вежба на НАТО членките која почна во јануари 2024...