fbpx

Зачестија заканите и предупредувањата на Кремљ за употреба на нуклеарното оружје

Последните недели се одбележани со неколку класични руски дезинформации околу војната со Украина и генерално околу намерите на Западот, но се чини дека заканите упатени пред сè кон Европа од употреба на тактичко нуклеарно оружје за првпат се толку фреквентни

-

Последните недели се одбележани со неколку класични руски дезинформации околу војната со Украина и генерално околу намерите на Западот, но се чини дека заканите упатени пред сè кон Европа од употреба на тактичко нуклеарно оружје за првпат се толку фреквентни од почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година. За четири недели дури четири закани од високо ниво од Кремљ, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

 

Петтиот претседателски мандат за Владимир Путин му беше доделен со свеченост во Кремљ на почетокот на мај, одбележан со разидување на дел од европските и американските сојузници и во фонот на заканите на Русија со употреба на нуклеарно оружје.

Рускиот автократски лидер кога ќе му истече овој мандат по шест години, вкупно 30 години ќе претседателствува со Русија, а има право и на нова кандидатура, јавуваат медиумите на македонски јазик. Големо внимание предизвика фактот што Франција реши нејзиниот амбасадор во Москва да присуствува на церемонијата, за разлика од многу други западните земји, меѓу кои е и Германија чиј амбасадор го бојкотираше врачувањето на мандатот. Покрај Франција, свои претставници испратија Словачка, Унгарија и уште четири европски држави, додека другите земји од ЕУ, како и САД и Канада решија да бојкотираат, вклучувајќи ја и Северна Македонија, која се сообрази со политиките на ЕУ и на САД.

Владимир Путин, 07.04.2024 Фото: kremlin.ru/Wikipedia

Русија е за соработка со Запад, а му се заканува со тактичко нуклеарно оружје

Во својот краток говор на инаугурацијата, Путин кажа дека е отворен за разговор со Западот, но само под еднакви услови и додаде дека Русија мора да биде отпорна на сите закани и предизвици. Според друг медиум соработката зависи од западните земји: Русија е подготвена да работи со Западот и „ние дури не одбиваме дијалог со западните земји“.Путин на инаугурацијата порача дека „Русија е подготвена да стане „чесен“ партнер со секој што сака“.

Инаку само еден од медиумите ја пренесуваше целата инаугурација во живо преку индискиот портал ЦНН -ИБН.

Инаугурацијата се одржа во фонот на веста од претходниот ден дека Путин наредил одржување на вежби на единиците што поседуваат тактичко нуклеарно оружје. Најголемиот број медиуми на македонски јазик ја пренесуваат веста од западните агенции кои пак, се повикуваат на соопштението на руското министерство за одбрана. Сепак, еден од медиумите текстот за вежбата го објавува со наслов со големи букви, иако речиси сите го истакнуваат делот дека вежбата се спроведува со „цел… да се обезбеди територијален интегритет и суверенитет на Русија како одговор на провокативните изјави и заканите на одредени западни претставници против Руската Федерација“. Само еден медиум уште во насловот истакна дека станува збор за  „закана на Путин со нуклеарно оружје“.

Дел од медиумите на македонски јазик во овој контекст ја пренесоа и изјавата на рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов за руските медиуми, според кого, наредбата за вежбата бил принуден потег на Москва.

Ова е принудна мерка како одговор на арогантната и агресивна политика на колективниот Запад, кој создава неприфатливи безбедносни закани за Русија и нејзините граѓани, рекол Антонов.

Лавров: „Западот сака да ги скрши Србите и православниот свет“

Ден пред инаугурацијата дел од медиумите на македонски јазик пренесоа неколку дезинформациски наративи на Москва преку изјавите на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, искажани во интервју за една телевизија во Република Српска. Една од изјавите е во насока со појаснувањето и за вежбата со нуклеарно оружје, т.е. дека на Русија и се подготвува ултиматум. Ултиматумот според овие медиуми се состоел во тоа што се подготвува мировна конференција за Украина во Швајцарија, на која било замислено само да ѝ се испорачаат на Русија одредени ултимативни барања во врска со прекин на војната.

Сергеј Лавров. Фото: mfa.ru

Други медиуми пак, го вадат дезинфо наративот на Лавров за односите на Запад со Србија, руската оценка за тоа дека „Западот сака да ги скрши Србите“ и за состојбата на Косово, наспроти подготовките за гласањето за членство во Советот на Европа. Во исто време, се потенцира и познатиот дезинформациски наратив за Западот, а поврзан со православното христијанство.

Западот сака да му нанесе непоправлива штета на православието и православниот свет да биде под водство на Истанбулскиот патријарх, кој е под директна команда на Соединетите Државиизјавил Лавров во интервјуто за бањалучката телевизија АТВ.

На денот на победата над фашизмот Путин повторно со суптилна закана за Запад

Медиумите на македонски јазик веројатно и преокупирани со изборните резултати во С. Македонија од 08.05.2024 г. многу поскромно од минатите години и дадоа значење на воената парада во Москва што се одржува секоја година на 9-ти мај, Ден на победата над фашизмот. Штотуку избраниот Путин во нов петти претседателски мандат го искористи моментот за да испрати нова суптилна воена закана кон Запад, обвинувајќи го уште еднаш дека е виновен за понижувањето на Русија по паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година.

Русија ќе стори сѐ за да спречи глобален судир. Но во исто време, нема да дозволиме никој да ни се заканува. Нашите стратегиски сили секогаш се во состојба на борбена готовност, рече Путин во краткиот говор додека снегот го покриваше огромниот плоштадпренесува Ројтерс.

Западот би сакал да ги заборави лекциите од Втората светска војна, но ние се сеќаваме дека судбината на човештвото беше решена во грандиозните битки кај Москва и Ленинград, како и други градови, рече Путин, пренесуваат дел од медиумите.

Повеќето медиуми известуваа користејќи ја веста на Ројтерс, дел од нив ставија и видео исечоци, а помал дел понудија да се следи парадата во живо од различни извори, дали од киргистански официјални или руски државни медиумски извори.

Медиумите не го заобиколија крајот на говорот каде што Путин повикал на минута молк, а потоа завршил со зборовите: „За Русија! За победа! Ура!“

Дел од парадата на Црвениот Плоштад. Фото:kremlin.ru/Mikhail Tereshenko, TASS

Русија годинава ја славеше 79-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна. На свечената парада во Москва, меѓутоа, присуствуваа само 7 странски државници – претседателите на Белорусија, Казахстан, Таџикистан, Туркменистан, Куба, Лаос и Гвинеја Бисао.

Џинпинг во Србија – делириум кај дел од медиумите во Белград

Огромно внимание на медиумите на македонски јазик предизвика и посетата на кинескиот лидер Си Џинпинг на Србија, во рамките на европската турнеја, при што ги посети Франција, Србија и Унгарија. Повеќето медиуми ја најавија дводневната посета  во детали, наведувајќи дека за време на посетата е планирано да бидат потпишани 30-тина билатерални договори меѓу Србија и Кина.

Џинпинг и Вучиќ.Фото:Претседателство на Србија/Димитрије Голл

Само еден од медиумите изрази заинтересираност на толкаво ниво, што ги пренесе во целост наводите на поранешната премиерка, а сега претседател на српското Собрание Ана Брнабиќ, која на долго во пропагандната телевизија на српската власт Тв Хепи, говореше за значењето на посетата на Џинпинг за Србија и големината на српско-кинеските односи на пријателство и соработка.

Народна Република Кина е глобална суперсила, втора по големина економија во светот, рапидно расте и без сомнение наскоро ќе биде прва во светот. Тоа е и политичка и технолошка суперсила, изјавила Брнабиќ, пренесува медиумот. Други медиуми пак ја пренесоа веста дека 300 милиони луѓе го гледале интервјуто на српскиот претседател Александар Вучиќ за кинеските државни медиуми .

Погреб на Западна Европа поради настапите на Евровизија

Марија Захарова. Фото: mfa.ru

Марија Захарова, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи во врска со настапите на дел од учесниците на Евровизија пренесе стар дезинформациски став на Русија, кој го оценува Западот како друштво што ја напуштило верата, а нејзините зборови беа пренесени низ медиумите на македонски јазик.

Евровизија 2024 ја надмина секоја оргија, односно вештерство и ритуално светољубие во Западна Европа. Немаше изненадувањапорача Захарова на својот канал на „Телеграм“, пренесуваат дел од медиумите,  додека други ја пренесуваат и речницата дека „Погребите во Западна Европа се одвиваат вообичаено“, со што многу јасно, трендовите во западна Европа ги спореди со погребување на Европа.

 

Атентатот врз Фицо искористен од Кремљ за дезинформации

Атентатот врз словачкиот премиер Роберт Фицо, кој сè уште се наоѓа во болница во тешка состојба, речиси веднаш беше искористен од страна на пропагандата на Кремљ за ширење дезинформации, кои главно се потпираа на два наратива.

Моменти по атентатот. Фото: скриншот/јутјуб

Според едниот, зад атентатот стои Украина и нејзините безбедносни служби, затоа што Словачка, откако Фицо е премиер зазеде став за блокирање на воената помош за Украина од страна на Западот. Според другиот дезинфо наратив од Москва, зад атентатот стојат дел од западните земји кои ја туркаат војната со Русија преку Украина.

Официјални лица поврзани со руската влада побрзаа да вметнат наводна украинска врска околу напаѓачотобјаснува Руслан Трад, експертот за безбедносни истражувања во Лабораторијата за дигитални истраги на Атлантскиот совет.

Од друга страна, руските канали во Телеграм ја обвинуваат Велика Британија за организирање на обидот за атентатвели Тред, пренесува Независен.

Вистиномер во својата анализа врз база  на повеќе извори детално ги опишува дезинформациите од овие два наратива и потсетува дека „про-Кремљ дезинформациски наративи кои ги обвинуваат Украина и Западот за обидот за убиство на словачкиот премиер Роберт Фицо, потсетуваат на истите обвинувања за терористичкиот напад на салата Крокус во Москва, за што Вистиномер веќе пишуваше.

Р.Фицо. Фото: Европски Совет

„Беа изнесени недокажани тврдења дека стрелецот е поврзан со партијата Прогресивна Словачка (што го поврзува и со ЕУ и ЛГБТК+ движењата), дека е поранешен член на разузнавачката служба на комунистичката држава или сугерирал дека неговиот насилен чин бил усогласен со други луѓе, наместо насилство на „волк-самец“, како што го опишаа локалните власти. Проруските профили на социјалните мрежи, а подоцна и про-Кремљ медиумите, дополнително го зачинија полето на дезинформации со тврдењето дека сопругата на напаѓачот е украинска бегалка“, се наведува во анализата на Вистиномер.

Зеленски повторно цел на дезинформациите – ем бил нелегитимен, ем бил лажго и крадец

Дмитриј Медведев (2022).Фото:Duma.gov.ru, CC BY 4.0, Wikipedia

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, поранешен руски претседател и еден од главните пропагандисти на Москва во интервју за ТАСС изрече серија руски дезинформациски наративи за украинскиот претседател Володимир Зеленски, кои беа пренесени во дел од медиумите на македонски јазик.

 

 

По капитулацијата на Украина, не сме рамнодушни кон судбината на Владимир Зеленски. Тој мора да биде уапсен и суден за злосторства против руски и украински граѓани. Доколку е невозможно да се екстрадира таков криминалец, треба да се применат правилата што се применуваат за терористите. Токму таква судбина го снајде духовниот учител на Зеленски, Степан Бандера – рече Медведев, пренесуваат медиумите.

Со тоа Медведев ја повторува врската на Зеленски со ликови и настани од периодот пред и за време на Втората светска војна, со што се влече аналогијата за денешните  обвинувања од страна на Москва за режим на неонацисти кои се мета на покренатата т.н. Специјална воена операција, акроним кој се користеше за агресорскиот напад од февруари 2022 година.

Не изостанаа ни обвинувањата дека е кукавица, патолошки лажго и слично, а Медведев тоа го поткрепи со наводното намерно избегнување на Зеленски да распише и спроведе претседателски избори во земјата.

Зеленски би ризикувал многу доколку се согласи на избори. Човекот кој себеси се нарекува претседател на поранешна Украина е патолошки лажго и кукавица кој е ноќна мора за околината и кој се плаши од избори. Ако се одржат изборите, тоа би било преголем „влог“ за Зеленски и неговиот тим.

Легитимитетот на Зеленски, патем, неколкупати го покренуваа во Москва во текот на изминатите недели.

Володимир Зеленски, Харков, мај 2024.Фото:president.gov.ua

И конечно Медведев го повтори стариот дезинформациски наратив на Москва дека Украинците гинат, а Зеленски и неговите ја крадат земјата преку воената и другата помош:

Зеленски и неговата придружба проневерија огромна сума, која беше испратена за да се спаси Украина која умира – изјави еден од најголемите пропагандисти на Москва, Медведев.

 

Путин нуди мир, но да ги задржи освоените територии

Рускиот претседател Владимир Путин пред неколку недели повтори две работи кои се совпаѓаат со пропагандните приказни од Москва што имаат за цел да ја претстават Русија во светло на миротворец, кој дури и кога се заканува го прави тоа поради улогата на жртва, а не на агресор.

В.Путин, 9.05.2024.Фото: скриншот/ria.ru

Најпрвин, преку сторија на Ројтерс, од Москва, преземена од медиумите на македонски јазик, пристигна готовност на Путин да се стави времен мир во Украина уште веднаш. Но, условот е како на секој агресор. Мир веднаш, но под услови што ѝ одговараат на Москва, односно да се задржат сегашните линии на фронтот.

И покрај успесите на бојното поле во последно време, Путин сака да го искористи сегашниот моментум за да ја заврши војната. Тој ги смета досегашните придобивки од војната како доволни за да се прикажат како победа кај рускиот народвелат извори од Кремљ за Ројтерс, пренесуваат домашните медиуми.

Вториот дезинфо наратив дека Русија е жртва, Путин го искористи за да упати нова нуклеарна закана кон европски земји, третпат за неколку недели, иако не ги употреби зборовите нуклеарно оружје. Давајќи изјава во главниот град на Узбекистан, Ташкент, Путин ја предупреди Европа со „сериозни последици“ доколку на Украина ѝ се дозволи во иднина да користи прецизно оружје со долг дострел доставено од Запад против руска територија, за што се залагаат во Европската Унија.

Претставниците на земјите од НАТО, особено во Европа, особено во малите земји, мора да бидат свесни со што си играат. Тие мора да запомнат дека тоа се, по правило, држави со мала територија, со многу густо население. Тие мора да го имаат на ум овој фактор пред да извршат напади длабоко на руска територијанагласи Путин, пренесува еден од медиумите на македонски јазик.

Само ден подоцна, шефот на дипломатијата Сергеј Лавров ја упати новата закана за можна нуклеарна војна со земјите од НАТО, користејќи ги најавите за испраќање на борбени авиони Ф-16 за потребите на Украинското воздухопловство. Тоа беше четврта закана од Москва од релевантен извор за само неколку недели и иако не може да се подведе под класична дезинформација, припаѓа на фамилијата на руски деизнформациски наративи во кои Русија се вбројува како жртва која мора да се брани поради намерите на НАТО и на Запад за уништување на Русија.

 

Руските дезинформации повторно зачестија и на социјалните мрежи

Дезинформациите поврзани со руските пропагандни наративи во изминатите неколку недели повторно се регистрираат со зголемен обем на социјалните мрежите на кои се комуницира на македонски јазик. Дел од нив што се регистрирани и деконструирани од Вистиномер ги наведуваме во овој аналитички преглед.

Русија не победува на сите фронтови, рецензија на  Вистиномер, во која се оценува невистината во врска со моменталната (април-мај) состојба на фронтовите во Украина. „Руската армија успешно напредува на сите фронтови. Украинците се повлекуваат насекаде. Наскоро следува офанзива на Одеса“, гласи објавата која што е деконструирана со факти во рецензијата.

Русија држи само околу 17,5 проценти од Украина и тоа сосе Крим и т.н. ДНР и ЛНР, кои се одделија уште во 2014 г. За една суперсила, која наводно „успешно напредува“, тоа е мошне малку, а состојбата не се има значајно променето веќе подолго време, се наведува во анализата на вистинитост на тврдењето на социјалните мрежи.

Фото: Enrique on Pixabay

Дел од дезинформациите повторно се однесуваат на верските заедници во Украина, при што се тврди дека таа земја немала своја православна црква, благодарение на ЕУ и НАТО. Повод за ова е инцидент за време на верскиот празник Цветници. На видеото е прикажан инцидент во православен храм во кој неколку жени и свештеник се исфрлени од црквата. Вистиномер го пронајде видеото објавено од повеќе руски извори со опис дека станува збор за инцидент кој се случил меѓу православни верници на Цветници. Но, анализирана е пошироката состојба со верските заедници, при што Вистиномер појаснува дека „после руската воена инвазија врз Украина, се појави дивизија односно анимозитет меѓу верниците кои припаѓаат на различни православни цркви, едната Украинска православна црква – Московска патријаршија (УПЦ) а другата Православна црква на Украина (ПЦУ)“.

Беше проширена и дезинформацијата што ја форсира Москва дека на Зеленски му истекол мандатот и дека тој нема никаков легитимитет.

„Не е точно дека овластувањата на Володимир Зеленски, претседател на Украина, после 20 мај истекуваат и дека поради тоа не треба да се потпишуваат какви било документи со него. Неговиот мандат ќе истечеше на 20 мај ако Украина не беше во воена состојба, како што е благодарение на руската воена инвазија врз оваа држава, па затоа неговите овластувања продолжуваат. Руската пропаганда се обидува да го злоупотреби ова на секој можен начин, па сега наводно истечениот мандат на Зеленски е нова тема за која се закачи Кремљ со цел да пласира дезинформации и манипулации“ – се наведува во рецензијата на Вистиномер.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Жена од кочанско Оризари пронајдена удавена во канал за наводнување

Осумдесет и деветгодишна жена од селото Оризари, Кочанско, утрово била пронајдена удавена во канал за наводнување во близина на селото, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР). Удавената жена ја пронашол...