Онлајн изложба на Јадро – „Да бидеме заедно, додека сме разделени“

Постер за изложбата / Фото: Фејсбук на Центар Јадро

Од утре, 11 јуни до 18 јуни, почнува онлајн изложбата „Да бидеме заедно, додека сме разделени“ во организација на Културно-социјалниот простор Центар – Јадро. Станува збор за групна изложба на уметниците Иван Ивановски, Симона Манчева, Дарко Алексовски, Доротеј Нешовски, Елена Чемерска, Зорица Зафировска и Никола Узуновски.

Куратор е Јованка Попова, а координатор на проектот Ѓорѓе Јовановиќ.

„Во време на оваа новонастаната ситуација неизвесноста во секојдневието на прекаријатните културни работници станува далеку поизразена. Честопати сме разочарани од немањето слух за нашите политички барања, а надежта треба да ја најдеме единствено во фактот што се имаме едни со други“ велат од „Јадро“.

Оттаму појаснуваат дека претставените дела ги адресираат скриените и не толку скриени нееднаквости во општеството и причините кои ги предизвикуваат, преку истражувања на емотивните состојби во време на криза, ограничувањето од општествените конструкти во однос на личната слобода, социјалното домување, грижата за околината и јавниот простор, експлоатација на трудот и мигрантската криза, неизвесноста од иднината, со финална цел да укажат на неопходноста од заедничко здружување и решавање на заедничките проблеми во прекаријатскиот даден контекст.

„Намерата на проектот е истовремено да апелира за конечен прекин на практиката на бесплатно искористување на уметничкиот труд и да укаже од неопходноста од платена уметничка работа. Делата се претставени виртуелно, но взаемната грижа е реална“ – додаваат од „Јадро“.