Онлајн изложба „Мироносно цвеќе за пријателството“ на Живко Поповски – Цветин

фото: Живко Поповски -Цветин / Фејсбук

Познатиот хуманист и сликар Живко Поповски – Цветин, вчера ја отвори својата изложба „Мироносно цвеќе за пријателството“ и ги додели Цветиновите награди за мир.

Изложбата се организира онлајн, а сликарот ги повика сите лица кои имаат негова слика до 9 јануари да се фотографитат на улица „Македонија“ во Скопје или во својот дом и да учествуваат на онлајн изложбата на пријателството со „Цвеќето на мирот“.

Отворањето на третата изложба се одржа во Спомен куќата „Мајка Тереза“, по повод Светскиот ден на УНИЦЕФ и Светскиот ден на планините, а во организација на Здружението на просветни работници на Град Скопје.

„Со изложбата и наградите за мир ја продолжувам мојата мисија за ширење на пријателството, соживотот, мирот и толеранцијата. Живееме во време со предизвици и затоа, неопходно е сите да се почитуваме и да го шириме доброто“, истакна Поповски-Цветин.

Поповски ги додели и Цветиновите награди за мир на личности кои му помогнале во ширење на неговата мисија во изминатите 36 години. Оваа година, добитници на наградата се универзитетските професори Јелица и Атанас Николовски , писателката и авторка на романот „Цвеќе на мирот“ Бистрица Миркуловска, Гордана Марковска Угриновска, ќерка на првата учителка на Цветин во селото Брезово пред 70 години, како и универзитетските професори Миле Димитровски и Милорад Јовановски, како хуманисти и членови на Лајонс клубот „Вардар“.