Основното јавно обвинителство Струга поднесе предлог за издавање казнен налог за кривичното дело Повреда на угледот на странска држава од член 181 од Кривичниот законик против лицата кои годинава за време на собирот на граѓани на Вевчанскиот карневал запалија бугарско знаме. Тројцата обвинети ќе треба да платат парични казни од 7.000 и 5.000 евра.

„Обвинетите, на 14 јануари, за време на самоиницијативниот собир на граѓани по повод верскиот празник Св.Василиј во Вевчани, со намера за исмејување јавно го изложиле на подбив знамето на Република Бугарија. Еден од нив го запалил знамето, а останатите двајца го кревале и замавнувале со запаленото и подгореното знаме“ велат од Струшкото јавно обвинителство.

Јавниот обвинител на Основниот суд во Струга му предложи на првообвинетиот да му изрече парична казна од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 70 евра во денарска противвредност, додека за останатите двајца обвинети се предложени парични казни од по 100 дневни глоби од по 50 евра во денарска противвредност.​