Денеска, делегација на Град Скопје, предводена од градоначалникот Коце Трајановски и од претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, положија цвеќиња на гробот на нашиот великан Гоце Делчев, во Црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Во Црквата „Св.Спас“ беше одржана панихида на Македонската православна црква, а по повод 143-годишнината од раѓањето на еден од најголемите македонски револуционери, национален херој и великан, настапи и Мешаниот градски хор „Вардар“, под диригентско водство на Јасмина Ѓорѓеска.
Еден час подоцна, делегација од Град Скопје, како и високи државни и официјални делегации положија цвеќе и на споменикот на Гоце Делчев на Плоштадот Македонија, како и на споменикот во Градскиот парк во Скопје.