Од следниот месец понуда на специјализирани обуки за фриленсери

Фото: Kampus Production @Pexels

Наскоро студентите ќе може да посетуваат специјализирани обуки за фриленсинг во Северна Македонија, кои ќе им овозможат подобро да го разберат овој пазар. Фондацијата Импакт потпишала договори со три даватели на обуки во Северна Македонија – Бреинстер, Сеавус Едукативниот Центар (SEDC) и образовниот центар СЕМОС, кои ќе развиваат наставни програми и ќе ги пласираат на целните групи како млади, жени и други ранливи и маргинализирани групи.

„Се очекува дека повеќе млади луѓе и жени ќе започнат да се занимаваат со нудење на фриленсинг услуги, како начин на заработка на приходи. Студентите сега ќе бидат поддржани со стручна обука и поддршка во нивниот кариерен развој од тренинг центрите“, велат од фондацијата Импакт.

Обуките би требало да почнат следниот месец, а студентите ќе имаат можност да научат не само дигитални вештини, туку и меки вештини поврзани со работа на популарни платформи како Upwork, Evato и Fiverr.

Целта на тренинг центрите и Импакт Фондација е да обучат 300 студенти до март 2022 година од кои 150 би започнале да работат на некои од највреднуваните фриленс платформи.