Објавени конкурсите за стипендии за ученици во Математичко-информатичката гимназија и Спортската академија

Висината на стипендиите за средношколците од двете училишта изнесува 3.500 денари месечно за девет месеци во текот на учебната година

Фото: Antoine Dautry on Unsplash

Министерството за образование и наука (МОН) вчера ги објави конкурсите за доделување стипендии за ученици во државните средни училишта „Математичко-информатичка гимназија“ (МИГ) и „Спортска академија“ во Скопје.

Висината на стипендиите за средношколците од двете училишта изнесува 3.500 денари месечно за девет месеци во текот на учебната година.

За да добијат стипендија, учениците во МИГ треба да се редовни ученици во втора, трета или четврта година, да имаат постигнато одличен општ успех на крајот од претходната учебна година, да не се корисници на стипендија од други институции или фирми и да се државјани на Република Северна Македонија.

Средношколците од Спортската академија, пак, треба да се редовни ученици во втора, трета или четврта година во ова училиште, во текот на претходната учебна година да имаат постигнато најмалку општ успех многу добар (4) и одличен (5) од изборниот предмет тренинг од избраниот спорт на крајот од учебната година. Понатаму, учениците треба да не повторувале година во текот на образованието, да не се корисници на друга стипендија и да се државјани на Република Северна Македонија.

Рокот за пријавување за учениците од двете училишта кои ги исполнуваат условите е од 2 до 13 октомври. Средношколците треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на е-услуги на МОН.

Повеќе информации, како и потребните документи може да се најдат во конкурсите на овие линкови – за Математичко-информатичката гимназија и за Спортската академија.

Од МОН додаваат дека сите добитници на стипендии по објавувањето на списокот, а најдоцна до 1 декември 2023 година, треба да потпишат договор за стипендија со Министерството. Сите кандидати кои нема да го почитуваат овој рок ќе се смета дека се откажуваат од стипендијата.