Објавена е брошура за правата на децата и младите од самохрани и еднородителски семејства

Документот содржи информации за законските права на децата и младите од еднородителски и самохрани семејства и тоа за правата на социјална заштита, образование и бесплатна правна и психолошка помош

Брошурата за млади од самохрани и еднородителски семејства / фото: Млади од семејна разновидност

Здружението на млади „Млади од семејна разновидност“ ја издаде Брошурата за деца и млади од самохрани и еднородителски семејства. Ова е прв ваков документ за млади од самохрани и еднородителски семејства во земјава.

Брошурата содржи информации за законските права на децата и младите од оваа категорија и тоа за правата на социјална заштита, образование и бесплатна правна и психолошка помош.

„Со огромна мотивација и љубов ја креиравме оваа брошура со желба да помогнеме, покреваме свесност и да ги едуцираме младите од вакви типови на семејства кои се нивните права на социјална заштита, образование, но и да дадеме простор на останатите граѓански организации коишто даваат бесплатна правна и психолошка помош, да ги споделат своите услуги“, велат од „Млади од семејна разновидност“.

Од здружението информираа дека брошурата произлегла од спроведените работилници „Младински политики за младинско учество“.

Автори и уредници на документот се Станиша Станковиќ и Елена Божиновска.

Брошурата за деца и млади од самохрани и еднородителски семејства може да се најде на овој линк – на македонски и на албански јазик.