fbpx

Нуредини: Немаме ефикасен мониторинг-систем за квалитет на воздухот

-

Во моментов немаме ефикасен мониторинг-систем за квалитет на воздухот и мерните станици не се поправени, но правиме напори тој да се доведе во нормала, рече на денешната средба со невладините еко-здруженија министерот за животна средина, Насер Нуредини.

Министерот потврди дека е извршена набавка на расипаните делови на мерните станици за мерење на штетните честички во воздухот и тие наскоро би требало повторно да профункционираат, а за наредната година е планирана набавка и на две нови станици, во рамките на соработката со Република Грција.

Нуредини, исто така, изјави дека му е јасно колкав проблем претставува фактот што Министерството за животна средина се уште нема акредитирана лабораторија за мерење на загадувањето на воздухот и најави дека веќе се работи на нејзина акредитација.

Министерството за животна средина мора да биде најважното министерство во македонската Влада, му порачаа на министерот Нуредини еко-активистите. Доколку не ја превземе таа улога Македонија како држава ќе нема иднина, предупредија тие.

„Министерството до сега играше улога на безрбетен поддржувач на штетните политики и проекти кои доаѓаа од повисоките центри на моќ во власта и нивен спроведувач“, истакна Петар Бошевски од „Спас за Водно“, потсетувајќи на штетните проекти како „Сончев град“ и трасата на гасоводот преку Водно, кои беа аминувани токму од Министерството за животна средина.

На потребата од вистинска заштита и зачувување на природните подрачја како обврска која произлегува и од меѓународните конвенции чиј што потписник е Македонија предупредија повеќе активисти, наведувајќи ги негативните примери на уништување на Охридското крајбрежје и сечењето на шумите и изградбата на малите хидроцентрали во националните паркови Пелистер, Маврово како и на Шар планина, предел кој допрва треба да биде заштитен.

„И покрај тоа што недозволиво се доцни со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје, Македонија има обврска да ја заштити веќе и поради Бернската конвенција бидејќи Шара е емералд-подрачје. Со изградбата на малите хидроцентрали и на пристапните патишта кои потоа се користат за уништување на шумите, ние ја разоруваме Шар Планина одвнатре и ќе го уништиме пределот пред да успееме да го заштитиме“, истакна Ана Чоловиќ Лешовска.

Зборувајќи за проблемот на непостоечки систем за управување со отпад во државата, министерот Нуредини истакна дека неговото воспоставување е апсолутен приоритет на Министерството за животна средина, а пред се отпочнувањето на селекцијата на отпад.

„ Имаме странски експерти кои работат на оваа проблематика и планираме да го заокружиме целиот систем на управување со отпадот така што тој претставува циркуларна економија во која ќе се запази и аспектот на заштита на животната средина, светските стандарди, како и да биде економски одржлив систем во кој се креираат и нови работни места“, најави министерот за животна средина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...