Нова епизода на „Шорткат“ – Црна вдовица живее и во Македонија, во Гази Баба има над илјада желки

Вечерва во 19 часот ќе биде објавена најновата епизода од емисијата за млади „Шорткат“.

Во новото издание ги пренесуваме резултатите од истражувањето на Македонското еколошко друштво во кое беа ангажирани млади еколози. Нивните проекти покажаа дека еден од најотровните пајаци во светот, црната вдовица, е присутен и во Македонија. Парк шумата Гази Баба е дом на над илјада желки, а годинава кај нас за првпат беше откриена подземна габа која се наоѓа на глобалната црвена листа како критично загрозен вид.

Во среда стапи на сила забраната за продажба на пластични кеси. На пазарување граѓаните треба да одат со платнена торба за повеќекратна употреба, или да платат 15 денари за т.н. „биоразградливи кеси“.  Целта на новите законски мерки е да се мотивираат граѓаните да создаваат нови навики за употреба на торби од еколошки материјали и на тој начин да се намали количеството на создаден отпад во земјата.

Фемицидите се скриена пандемија која ја загрозува безбедноста на голем број жени и девојки. Од вкупно 26 убиства на жени извршени во периодот помеѓу 2017 и 2020 година, дури 22 се квалификувани како фемициди, а сторители се сегашни и поранешни партнери или членови на семејствата на девојките. Во тек е глобалната кампања насловена „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

Од 30 ноември до 3 декември се одржува 17-тата конференцијата „е-Општество.мк“ организирана од Фондација „Метаморфозис“ на тема „Демократијата во дигиталната ера: Предизвици и можности“. Посебен фокус е ставен на дезинформациите и безбедноста на интернет. Во рамки на конференцијата се одржува и Хакатон за отворени податоци.

Подетално за овие теми и настани во најновата епизода на „Шорткат“.