Во текот на вчерашниот ден беше спроведена нова акција од страна на Штип Арт Активистите насловена како Сонот на штипјани

„Оваа акција ја спроведовме како резултат на претходно направеното он лајн истражување со граѓаните на Штип каде тие потенцираа и издвојуваа најголеми проблеми со кои се соочуваат во секојдневното живеење“, велат тие. 

Во најголем број граѓаните укажале на проблемот со нечистотијата и ѓубрето, не безбедни пешачки премини и немањето на рампи за инвалидни лица, небезбедни булевари, тротоари кои служат за паркинг наместо за пешаци, осветлување на улици, потребата од зелени површини, функционални и безбедни детски игралишта и недостаток на кино. Сонот на штипјани се да нема сообраќаен метеж и имаат проодни и безбедни булевари и тротоари, чиста животна средина, повеќе зелени површини за рекреација и кино. 

„Овие соништа за поубав, почист, безбеден и зелен Штип, ги прикажавме преку поставени табли низ локации во градот каде граѓаните во истражувањето ги потенцирале како проблематични“, се вели во соопштението на Штип Арт Активисти.

Тие апелираат на свесност и кај самите граѓани од Штип, поаѓајќи од фактот дека сообраќајната култура, солидарноста со пешаците и нивната безбедност, ѓубрето расфрлано низ градот, е и нивна одговорност.

„Апелираме до јавните претпријатија во градот и самата Општина на поголема грижа за чист и зелен град, осветлување на улиците, санкционирање на несовесните возачи кои ги користат тротоарите за паркинг и узурпираат простори наменети за пешаци, побезбедни и прегледни булевари за поголема безбедност во сообраќајот и нови зелени површини наменети за рекреација“, велат Штип Арт Активисти.

Тие напоменуваат дека поставените реквизити се од биоразградлив материјал и единствен начин да укажат за сонот на штипјани за поубав Штип.