Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска телефонски разговарал со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, поради новиот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, што Хрватска го донесе на 15 јули, при што значително се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук.
„Во текот на денешниот ден, министерот Николовски оствари телефонски разговор и со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, кој покажа интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем“, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Николовски бил во постојан контакт со надлежните министри од Република Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, по вчершаниот состанок во Сараево, каде што беа донесени заеднички заклучоци.
Министрите ја повикаа Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја, сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе соодветни конкретни мерки и механизми.