Невработеноста е главен проблем на младите во земјава, алармира и Европската Комисија [инфографик]

Илустрација: Фисник Џелили, Порталб.мк

Невработеноста кај младите останува проблем во чија насока Северна Македонија мора да работи напорно. Ова беше констатирано во последниот Извештај за 2022 година за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат. Младите и задоволувањето на нивните потреби останува предизвик кој мора да се адресира и реши. Извештајот ги истакнува недостатоците на кои земјата треба да работи, како и точките каде што земјата постигнала напредок. Во продолжение, Порталб.мк дава еден преглед на она што се вели за младите во овој извештај.

Посебен акцент во овој извештај се става на невработеноста кај младите, при што се вели дека таа останува висока и изнесува 30,9 отсто, но се нагласува дека постојано се намалува и дека треба да се работи многу во оваа насока.

Невработеноста кај младите е значително помала по стапувањето на сила во 2018 година на владината шема „Гаранција за млади“, се вели во Извештајот.

„Во 2021 година стапката на невработеност кај младите се намали на 34,6 отсто. Ова воглавно се должи на кризата со Ковид-19. Главна мерка за справување со невработеноста кај младите продолжува да биде шемата за Гаранција за млади. Во 2021 година во програмата учествуваа повеќе од 19.000 млади луѓе, при што 41 отсто од нив најдоа можности за вработување или обука. Во Гаранција за млади опфатени се 969 Роми, од кои 148 се вработиле во период од 4 месеци“, се наведува во Извештајот.

Во Извештајот на ЕК се вели дека Владата одобрила Акциски план за 2021-2022 година, но се потенцира дека треба да се зајакне капацитетот на Агенцијата за вработување.

„Имплементацијата на шемата Гаранција за млади продолжи успешно низ целата земја. Што се однесува до Ромите, во неа беа вклучени 979 млади роми“, се вели во извештајот, но се додава дека девојчињата -ромки, често поради невработеноста, остануваат особено ранливи.

Поради делумната имплементација на минатогодишните препораки, наредната година земјата треба силно да продолжи спроведувањето на мерките за активирање на пазарот на трудот за младите, со вклучување и на жените, лицата со попреченост и Ромите.

„Потребни се дополнителни напори за справување со структурните предизвици, како што се недостатокот на ресурси од државните институции кои се занимаваат со правата на децата, недостатокот на стратешки документи за правата на децата и функционирањето на правното тело одговорно за надзор над спроведувањето на Конвенцијата за правата на децата. Треба да се подобри консултацијата со младите при креирање на политиките. Потребно е да се подобри соработката меѓу институциите за вподобро разбирање и справување со предизвиците со кои се соочуваат различни групи на деца, како што се децата со пречки во развојот или децата од ромската заедница“, се наведува во Извештајот.

Покрај критиките, во Извештајот е истакнат и постигнатиот напредок. Во него се вели дека Собранието со меѓупартиска поддршка ја основа новиот меѓупартиски пратенички младински клуб.

„Средбата на лидерите на ЕУ и Западен Балкан на 23 јуни 2022 година уште еднаш ја потврди перспективата на ЕУ за партнерите во регионот и даде поттик за интензивирање на агендата за соработка и интеграција. Посебен фокус беше ставен и на вклученоста на младите во економијата“, се вели во Извештајот.

Во Извештајот се спомнуваат и работните групи кои беа формирани меѓу владите на Република Северна Македонија и Бугарија, по што беа потпишани неколку документи за соработка, кои ги вклучуваа и младите и спортот.

Земјата продолжува активно да учествува во програмата Еразмус+ и Европскиот корпус за солидарност.

„Согласно повикот за 2021 година доделени се грантови за вкупно 118 проекти, од кои 22 проекти се во Младинскиот сектор. Во 22-те проекти донирани за младите се предвидува вклучување на 615 нови учесници, од кои 77 со помалку можности за учество“, се наведува во Извештајот.

Во делот за развој на младинските политики, во извештајот се наведува дека Агенцијата за млади и спорт води регистар на младински организации во кој од стапувањето на сила на оваа мерка регистрирани се 80 организации.

„Агенцијата има усвоено Правилник за стандардизација на Младинските центри во транспарентен процес и во земјава формирани се повеќе центри. Освен тоа, агенцијата го поддржа отворањето на четири младински центри кои обезбедуваат техничка помош и опрема“, се нагласува во Извештајот.

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во нејзиниот евроинтегративен пат беше објавен на 12 октомври пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот Парламент. Целосниот извештај можете да го прочитате ТУКА.

Од друга страна, на 18 октомври во Брисел продолжи процесот на скрининг, при што во фокус беше поглавјето 26 „Образование и наука“ и поглавјето 19, „Вработувањето и социјалната политика”, каде што посебен акцент беше ставен на младите.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, во однос на младинските политики истакна дека властите продолжуваат да создаваат младински центри за поддршка на младите во секоја општина, дека е усвоен Законот за младинско учество и младински политики, а најави и дека во подготовка е новата Стратегија за младите за 2023-2027 година.

„Што се однесува до програмите на ЕУ на ова поле, Северна Македонија е многу успешен учесник. Ги потпишавме и започнавме со имплементација на договорите за учество во Еразмус + и Европскиот корпус за солидарност за новиот финансиски циклус. Програмата Еразмус+ е управувана со значителен степен на посветеност и апсорпционен капацитет. Во периодот од 2014-2020 година доделени се 4.199 грантови, при што беа вклучени повеќе од 32 илјади учесници и беа исплатени 37 милиони евра“, рече Маричиќ.

Од друга страна, на 17 октомври во Северна Македонија започна јавната дебата за составување на Националната стратегија за млади за период од 2023-2027 година, за активностите кои се организираат под покровителство на Агенцијата за млади и спорт.

Со оваа стратегија се планира воведување на основните начела и области преку кои се планира остварувањето на правата, потребите и интересите на младите до 2027 година. За составување на оваа Стратегија надлежна е Агенцијата за млади и спорт.

Партнери на Агенцијата во составувањето на Стратегијата се УНДП, ОБСЕ и УНФПА. Во нејзиното изготвување учествуваат младински организации и млади луѓе од земјава.

Активностите ќе се реализираат во различни форми во периодот од октомври до декември годинава, а трошоците ќе бидат покриени од организаторите.