fbpx

Невозможна мисија: И странци и Зврлевски во Обвинителството

-

„Првин оставка на Марко Зврлевски, па потоа меѓународни експерти“, е генералниот став и своевиден услов на опозициските партии, на чело со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), во врска со поканата што Јавното обвинителство ја доставило до органите на Европската унија (ЕУ) за испраќање меѓународни експерти кои би ја надгледувале работата на обвинителите во случаите „Пуч“ и „Прислушување“.

– Ние по ова прашање имавме јасен и дециден став уште пред Јавното обвинителство да преземе вакви чекори, а тоа е првин Марко Зврлевски да си поднесе оставка, а дури потоа можеме да ги резгледуваме ваквите опции за меѓународен надзор. Зврлевски нема кредибилитет да го води јавното обвинителство – вели портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Коментирајќи ја иницијативата на Јавното обвинителство, Шилегов се наврати на вчерашното обраќање на премиерот Никола Груевски, на трибината на ВМРО-ДПМНЕ, каде што тој рече: „Заев бара нов обвинител. За нас важно е обвинителот да се однесува по словото на законот. Јас сум убеден дека сегашниот обвинител тоа го прави. Инаку, такви докази има против лицето З.З., што и Вице, брат му, да е обвинител, ќе му биде непријатно кога ќе ги види доказите“.

– Од каде знае Груевски какви докази има Обвинителството против Зоран Заев? Тоа кажува сè – ни рече Шилегов.

И покрај бројните обиди да побараме став за ова прашање од владејачката ВМРО- ДПМНЕ, оттаму никој не одговараше на телефонските повици.

Коалициониот партнер во власта од албанскиот блок, Демократската унија за интеграција (ДУИ), бара меѓународни експерти не само за правно, туку и за политичко решавање на ситуацијата по случајот „Пуч“ и по аферата со прислушувањата.

– Го поздравуваме овој чекор на Јавното обвинителство, кој е во соодветство со примарните барања на ДУИ, а во насока на решавање на кризата. Сметаме дека меѓународни експерти се потребни не само во правно-истражниот дел, туку и политички експертски тимови, кои би помогнале и би посредувале во надминување и решавањето на актуелната политичка ситуација во земјата – изјави за „Мета“ Артан Груби, шеф на кабинет на претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Градоначалникот на Општина Центар и доскорешен претседател на Либерално-демократската партија (ЛДП), Андреј Жерновски, минатата недела по средбата со новиот амбасадор на САД во земјата, Џес Бејли, го нагласи ставот за потреба од нов независен јавен обвинител, а процесот да се надгледува „однадвор“.

– Првиот чекор, многу важен, би можел да биде именување лице кое ќе биде независен јавен обвинител во Македонија. Сигурен сум дека поддршка има за таква идеја, а целиот процес да биде набљудуван однадвор за граѓаните да имаат впечаток дека целиот процес ќе биде коректен и голем оптимист сум дека во тој правец се размислува и дека можеме да најдеме решение – рече Жерновски.

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, смета дека и со овој потег обвинителството тешко ќе ја врати довербата во јавноста.

– Прво, врвот на обвинителството е поставен од инволвирани во аферата и, второ, веќе зазеде страна и не ќе може со ваква „транспарентност“ да ја врати довербата на јавноста – вели за „Мета“ Калајџеив.

Јавното обвинителство, минатата недела, преку соопштение, информираше дека доставило „официјална покана до органите на Европската унија за испраќање меѓународни експерти, кои би биле во тек со работата на јавните обвинители по актуелните предмети“.

„Ваквата одлука е одраз на цврстиот став дека јавните обвинители доследно постапуваат во согласност со законите и дека јавноста нема причина за сомневање за нивното постапување. Овозможувањето меѓународни експерти да бидат во тек со работата по предметите е само поради целосна транспарентност при работењето и отстранување на евентуалните сомнежи во објективноста на нашето постапување“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Членовите 106 и 107 од Уставот се однесуваат на работата на Јавното обвинителство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...