fbpx

Неточно се тврди дека Бил Гејтс заговара глобална пандемија, затворска држава и геноцид

Не е вистина дека заговарањето за подготовка за одговор на идни здравствени закани е геноцид. Исто така, не е точно дека Гејтс сака затворска држава, во колумната воопшто не се споменува затворање  на граѓани или на граници

-

Наспроти изнесеното во постот дека Гејтс заговара геноцид, тој во колумната на Њујорк Тајмс предупредува на тоа дека е потребна подготвеност од страна на државите за што повеќе луѓе да се спасат во иднина доколку повторно се случи пандемија. Тој во ниеден момент не кажува дека сака глобална пандемија и затворска држава, ниту, пак, зборува за мерки кои би се воведувале во случај на идна пандемија, а кои се однесуваат на затворање на граѓани или граници. Напротив, Гејтс целото свое излагање го има посветено на идејата да се формираат стручни тимови во секоја држава кои брзо ќе знаат да одговорат на предизвикот доколку се случи нова пандемија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Во постот што го рецензираме се споделува извадок, односно наслов од колумна на Бил Гејтс во онлајн изданието на Њујорк Тајмс и како опис на истата се тврди:

Бил Гејтс и компанија сакаат глобална пандемија затворска држава и тој ќе постигне успех ако луѓето не се разбудат на фактот дека ова е класично „проблем-реакција-решение“ со геноцид. Искрено не знам како да бидам појасен.

Овој опис не кореспондира со она што Бил Гејтс го пишува во својата колумна за Њујорк Тајмс.  Во колумната насловена „Се плашам дека повторно ги правиме истите грешки“ (скриншот овде), Бил Гејтс пишува за начинот на кој светот треба да се подготви за идните пандемии и да не биде затекнат неподготвен.

Замислете си, да отпочне мал пожар во вашата кујна. Вашиот аларм за пожар почнува да писка, предупредувајќи ги сите околу вас за опасноста. Некој повикува противпожарна екипа. Се обидувате да го изгаснете пожарот сами – можеби имате и апарат за гаснење пожар. Ако тоа не функционира, знаете како да се евакуирате безбедно. Додека сте излегле надвор, противпожарно возило веќе пристигнува. Пожарникарите го користат хидрантот пред вашата куќа за да ги изгаснат пламените пред кој било од домовите на вашите соседи да се во ризик од пожарот. Треба да се подготвиме да се бориме против ширењето на болести исто како што се подготвуваме да гаснеме огнови. Ако пожарот го оставиме да гори надвор од контрола, тоа е опасност не само за нашиот дом, туку за целата населба. Истото важи и за инфективните заболувања. Како што добро знаеме од ковид, епидемија во еден град може брзо да се прошири низ целата држава и потоа во светот, ја почнува својата колумна Гејтс.

Потоа тој потсетува дека кога Светската здравствена организација пред три години прогласи пандемија од ковид-19, тоа претставуваше кулминација на колективниот неуспех за подготовка за пандемии и покрај многуте предупредувања.

И се плашам дека пак ја правиме истата грешка, вели Гејтс.

Тој метафорички предлага „противпожарна служба за пандемии“ што е негова метафора за тоа дека треба да има подготвени тимови во секоја држава, кои точно ќе треба да знаат што да прават во случај на идна пандемија и дека не треба само волонтери да се задолжени за справување со пандемиите, туку тоа треба да бидат организирани систематски тимови, остручени и подготвени однапред како влог во побезбедна иднина. Гејтс повика во секоја држава професионалци да се ангажираат околу подготовки и тврди дека треба да се пронајде начин за тие да бидат платени додека поминуваат време, подготвувајќи се и одговарајќи на транснационални закани.

Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, дека Гејтс заговара геноцид, напротив тој во колумната на Њујорк Тајмс предупредува на тоа дека е потребна подготвеност од страна на државите за што повеќе луѓе да се спасат во иднина доколку повторно се случи пандемија. Тој во ниеден момент не кажува дека сака глобална пандемија и затворска држава, ниту пак, зборува за мерки кои би се воведувале во случај на идна пандемија, а кои се однесуваат на затворање на граѓани или граници. Напротив, тој целото свое излагање во Њујорк Тајмс го има посветено на идејата да се формираат стручни тимови во секоја држава кои брзо ќе знаат да одговорат на предизвикот доколку се случи нова пандемија. Гејтс ниту теоретски ниту практично не може да креира пандемија. Наспроти изнесеното во постот повикувањето на Гејтс на тимови за брза реакција и подготвеност за пандемии не може да доведе до геноцид. Повикувањето да се формираат такви тимови не претставува „желба на Гејтс за идна глобална пандемија“, туку превентивно размислување во насока пандемиите да се спречат доколку се случат, или пак, да поминат со што помалку последици.

На светот му е потребен добро основан систем кој е подготвен да се впушти во акција веднаш штом се појави опасност. Ни треба противпожарна служба за пандемии. Оптимист сум за мрежата која ја формира Светската здравствена организација со своите партнери и која се вика Глобални сили за здравствени итни случаи. Оваа мрежа од светските водачи за здравствени итни случаи ќе работи заеднички за да се подготви за следната пандемија. Исто како што пожарникарите имаат вежби за да се подготват за гаснење пожар и оваа мрежа планира да има вежби за тоа како се одговара на ширење на болест. Вежбите ќе осигурат дека сите влади, здравствени професионалци, итни служби, знаат што да прават кога ќе се појави потенцијално ширење на болест. Една од најважните задачи на ова тело, ќе биде да реагира брзо за да се спречи ширењето на болести, пишува Гејтс во Њујорк Тајмс.

Самото тоа што тимот за кој зборува Гејтс е фокусиран на спречување на ширење на патоген – болест, зборува за тоа дека овој тим цели да спасува животи, а не да спроведува геноцид. Во постот се вели дека Гејтс „сака пандемија“, но тој пишува во колумната дека се надева оти ковид пандемијата ќе биде последната.

Не можеме да си дозволиме повторно да бидеме неспремни. Светот мора да преземе дејства и акција сега, за да се осигуриме дека пандемијата со ковид-19 ќе стане последната пандемија. Еден од најважните чекори што можеме да ги преземеме за да ги поддржиме водечките здравствени експерти СЗО и да инвестираме во тимот на Глобалните сили за здравствени итни случаи, пишува Гејтс.

Неосновано и фактички непоткрепено е тврдењето во постот што го рецензираме дека Гејтс сака нова пандeмија. Не е вистина дека заговарањето за подготовка за одговор на идни здравствени закани е геноцид. Исто така, не е точно дека Гејтс сака затворска држава, во колумната воопшто не се споменува затворање  на граѓани или на граници. Поради сите горенаведени факти, постот го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...