Кираџиева и Ристова победија повеќе од 500 учесници на првата филантропска Супериор трка во Штип

Со цел да направат промена во општина Штип присутните на настанот, како што за Мета.мк изјавија од Фондацијата за развој на локалната заедница -Штип (ФРЛЗ-Штип), покрај тоа што учествуваа во трката имаа можност и да донираат за две иницијативи кои биле предложени од граѓаните

Фото: Мета.мк

Билјана Кираџиева и Анастасија Ристова се победничките во категоријата жени на првата филантропска Супериор трка која се одржа денес во организација на  „Супериор ранс“ и општина Штип. Во машка конкуренција Димитар Петровски го освои првото место во трката од 5 километри со постигнато време од 16 минути и 18 секунди, а Дарио Ивановски беше прв кој ја истрча патеката од 10 километри за 30 минути и 20 секунди. Тие заедно со повеќе од 500 учесници меѓу кои покрај домашнте имаше учесници од Холандија, Америка, Турција, Грција и Словенија се натпреваруваа на патеките долж реката Отиња.

Со цел да направат промена во општина Штип присутните на настанот, како што за Мета.мк изјавија од Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип (ФРЛЗ-Штип), покрај тоа што учествуваа во трката имаа можност и да донираат за две иницијативи кои биле предложени од граѓаните во рамки на проектот ,,Направи разлика“.

Со донациите ќе се придонесе за адаптација и опремување на сензорна соба во О.У.„Тошо Арсов“ – Штип, за децата со посебни потреби кои  ќе добијат нова средина, мулти-сензорен дом, со смирувачко опкружување, каде ќе можат да ја вратат контролата врз своите емоции кога ќе се чувствуваат престимулирани и кога ќе им е потребно време за одмор.

Исто така, предвидено е на две локации во централното градско подрачје на општина Штип да се постават смарт/соларни клупи со библиотеки за младите од општината.

„Во рамки на денешниот настан, кај паркот на МладиХаб, пред домот на културата „Ацо Шопов“ – Штип, младите играа друштвени игри, освојуваа награди и стекнуваа добри навики, правејќи разлика со сите нас, истовремено обезбедувајќи и донации за истите иницијативи“ истакнаа од ФРЛЗ-Штип. 

Од Здружението на граѓани „Супериор ранс“ кои ја иницираа ова нова спортска манифестација под мотото „Стани, Трчај Штип“,  истакнаа дека нивната желба е овие трки да се повторуваат еднаш годишно во сè поголем број на учесници и со сè позабавна содржина.

Проектот „Направи разлика“ е финансиран од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).