Немаме пола од потребните еколошки инспектори, а тие што ги има се пред пензија

Според систематизацијата пополнетоста на работните места е 50,9 отсто. Проблем е што 14 од инспекторите се над 57 години возраст, за шест месеци двајца од нив ќе си одат во пензија

Фото: Архива, Порталб.мк

Државниот инспекторат за животна средина работи со половина од потребните инспектори, а и тој број ќе се намали до крајот на годината кога во пензија ќе си одат уште двајца. Директорот на Инспекторатот Сретен Стојковски вели дека годишниот план во кој бараат вработување на тројца нови инспектори сè уште не им е одобрен од новото Минсистерство за јавна админстрација, а претходниот бил одбиен од Министерството за финансии. На институцијата годинава ѝ беше намален и буџетот за 600.000 денари, во однос на тој во 2023 година.

„Државниот инспекторат во моментов има 27 вработени плус директор, од кои 23 се инспектори и четворица се администрација. Според систематизацијата пополнетоста на работните места е 50,9 отсто. Проблем е што 14 од инспекторите се над 57 години возраст, за шест месеци двајца од нив ќе си одат во пензија, а немаме дозвола за нови вработувања“, вели Стојковски.

Посочува дека со годишниот план за вработување за 2024 година побарале да вработат двајца инспектори и тројца административци, но биле одбиени, па составиле нов план за тројца инспектори, двајца за животна средина и еден водостопански, за кои се чека одобрување, а во тек е и постапка за превземање на еден инспектор за животна средина во Битола.

Стојковски вели дека во првите шест месеци годинава, Инспекторатот, и со овие кадровски можности ги надминал планираните инспекциски надзори за 11 отсто, а инпекторите биле на 812 контроли. Изречени биле 166 решенија заради неправилности и изречени се санкции во висина од 300.000 евра. Една е за свињарска фарма од Гевгелија која дозволила истекување на отпад и добила решение за санкција од 200.000 евра. Фатени биле и две фирми кои во Националниот парк „Шар Планина се движеле со ратрак надвор од патеки, а предметот сега е пред судот во Тетово.

Инспекторите решение подготвиле и на фирмата во Градско која направи хаварија со отпадот од биогасната централа. Таа може да добие казна до 120.000 евра заради тоа што течниот отпад, што инаку го собира во резервоар, без дозвола го собрала и го однела на друга парцела од каде се растекол по соседните парцели и во Вардар каде предизвика помор на риба.