Земјава ја доби првата оперативна процедура за постапување при случаи со труење на диви животни. Десетина институции, меѓу кои и Инспекторатот за заштита на животна средина, Министерствата за внатрешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство и другите надлежни институции за сузбивање на незаконското труење на диви животни како правосудните органи, судовите и јавните обвинителства конечно добија точни упатства и процедура како треба да се постапува во случаи кога во природата ќе се наиде на затруени диви животни.
За жал, оваа пракса сѐ уште е многу честа кај нас и се користи како начин за елиминирање на волци, но влијае на многу поширок круг на диви животни, а особено ги засегнува мршојадците, кои се на црвените листи на загрозени животни.
Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека првата Стандардна оперативна процедура за постапување при случаи со труење на диви животни во земјава е донесена овој месец. Таа ќе им овозможи на надлежните институции спроведување на постапки преку следење на стандардизирана процедура и примена на административни и технички помагала и обрасци кои се дизајнирани да обезбедат висок степен на прегледност, објективност и сеопфатност. Стандардната оперативна процедура точно ги дефинира сите надлежни институции во ваквите случаи, граѓанските и меѓународните организации и одговорните лица и ресурсите во сите овие институции, кои еднаш годишно ќе се ажурираат.
Правилното водење на постапката во случаите со труење на диви животни е клучно за понатамошниот исход на постапката. Тука пред сѐ се мисли на користењето на административните алатки, изготвување на записник за констатација од местото на увид, начинот на собирање на докази за констатирани неправилности, службената комуникација со други надлежни органи, начините на дознавање на случајот, истрагата на местото на настанот, транспортот на прибраниот материјал од местото на увид до соодветна лабораторија за анализа и испитување, како и започнувањето и водењето на кривична и прекршочна постапка против сторителите, вели Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина и додава дека различните постапки и поодделни етапи во постапките во стандардната процедура ќе бидат објаснети на едноставен начин, чекор по чекор, со дијаграми, илустрации, обрасци и со практични упатства.
Од Македонското еколошко друштво велат дека на овој проект се работи од 2006 година, со оглед на тоа дека проблематиката на труење на дивиот свет беше препознаена како една од најголемите закани за популациите на мршојадците во Македонија. Оперативната процедура е креирана во рамки на проектот BalkanDetox LIFE и иако има уште активности кои треба да се постигнат за целосно сузбивање на ова нелегална активност, овој документ ќе служи како пример во креирање на помошни алатки за инспекторите и како основа за меѓусекторска соработка на МЕД, Државен инспекторат за животна, Факултет за безбедност – Скопје и Македонско здружение на млади правници.
„Покрај подигнување на јавната свест за катастрофалните штети од користење на отровните мамки во природата, МЕД работеше изминатите години во зајакнување на националните државни капацитети, во промовирање на превентивни методи и во подобрување на меѓу институционалната соработка и координација потребна за вакви случаи за кој што уште нема изречени казни“, велат од Македонското еколошко друштво.