fbpx

Нема докази дека 2.000 спортисти починале поради ковид вакцината

Дефинитивно е неточно и дека пораснал бројот на колабирања откако е почната вакцинацијата. Колапси на  спортските терени имало и пред тоа и ќе има и во иднина

-

Дел од спортистите наведени во листата доживеале некаков вид на потешкотии на теренот, колабирале или имале срцеви проблеми, некои од нив дури и починале, ама тоа да се доведува во корелација со вакцината е неточно, затоа што нема докази за такво нешто, ниту пак, има информации дали тие биле воопшто вакцинирани. Дефинитивно е неточно и дека пораснал бројот на колабирања откако е почната вакцинацијата. Колапси на  спортските терени имало и пред тоа и ќе има и во иднина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека 2.000 спортисти мистериозно биле погодени од миокардитис, згрутчување на крвта, рак и смрт, алудирајќи на вакцините против ковид-19.

2000 спортисти мистериозно погодени од миокардитис, згрутчување на крвта, рак и смрт, стои во објавата што ја анализираме.

Објавата споделува фотографија на која се гледаат наводно 2.000 спортисти кои биле погодени од горенаведените болести. На фотографијата е видливо дека таа е преземена од Just dude channel. Го побаравме овој канал  и дојдовме до видео во кое се вртат фотографии од написи за разни спортисти кои починале или колабирале и притоа се алудира на вакцините против ковид-19.

Насловот кажува сè. Иронично, повеќето лекари ќе речат дека има една специфична работа што очигледно не ја предизвикала повредата/смртта … но веднаш потоа ќе признаат дека не знаат што, всушност, ја предизвикало. Дали е дотаму „науката“ во 2023 година? Таа пропаганда ја нарекувавме маскирање на вистината/фактите, стои во описот под видеото.

Вистиномер по случаен избор провери некои од написите прикажани во видеото. Од објавените вести за спортистите кои ги проверивме, во ниту една не се спомнува дека нивната смрт или колабирање имале некаква врска со вакцината против ковид.

Така, на пример, за Емануел Мантви, средношколски фудбалер во Калифорнија, се вели дека починал откако колабирал за време на натпревар.

Емануел Антви, постар ученик во средното училиште Џон Ф. Кенеди во Сакраменто, бил однесен во болница откако паднал за време на натпревар во петокот вечерта, објави NBC на 22 март 2021 година.

Во текстот пишува дека по неговиот колапс, натпреварот бил откажан, а стадионот исчистен. Тој починал следниот ден.

Причината за неговата смрт не е наведена.

За Џо Бредшо, бруцош во Чарлстон Саутерн,  Bleacher Report во текст објавен на 19 март 2021 година пишува дека починал на 19-годишна возраст. Училиштето во соопштението посочило дека Бредшо починал надвор од кампусот и дека властите сè уште се во процес на собирање информации.

Причината за смртта не е наведена.

За судијата од Гана, Чарлс Булу,  Sports Brief пишува дека имал несреќен инцидент додека судел на квалификацискиот натпревар за African Cup of Nations (AFCON) 2021 помеѓу Брегот на Слоновата Коска и Етиопија.

Булу кој беше централен судија на натпреварот колабираше околу 80 -та минута од натпреварот кога Брегот на Слоновата Коска водеше со 3-1. Не се знае што му се случи на Булу, но тој се  испружи на теренот откако не успеа да остане на нозе, стои во написот.

За младиот 24-годишен фудбалер на НК Оток, Дејан Оршуш, медиумот GOL.HR на 12 април 2021 година пишува дека починал откако колабирал на теренот на натпревар од втората  општинска (жупаниска) лига.

Дејан Оршуш почина од срцев удар, а од него се прости клубот за кој го одигра последниот натпревар, стои во написот .

Но, во текстот никаде не се спомнува поврзаност со ковид вакцината.

За фудбалерот од средниот ред на Јунајтед, Абу Огого, во текст на Southend Echo (echo-news.co.uk) објавен на 16 декември 2021 година се наведува дека отсуствувал од терените најмалку еден месец поради проблеми со срцето.

Тој отиде на преглед во болница минатата недела и сега е надвор од терените одреден период, веројатно околу еден месец. Му треба одмор и лекови, бидејќи има воспаление околу срцевиот мускул. Немаме многу детали, но се надеваме дека сè е во ред со него, стои во написот.

Според текстот објавен на dailypost.co.uk на 4 април 2022 година, Игор Јончик бил млад голман кој ненадејно починал на 18-годишна возраст, откако му се слошило еден месец претходно.

Игор беше однесен во болницата Глан Клајд на 3 март, пред да биде префрлен во Манчестер, каде што стана очигледно дека страдал од срцева болест, стои во написот за овој фудбалер.

Во ниту еден од овие написи не се спомнува дека трагичните случаи се поврзани со ковид вакцината.

Не е првпат на социјалните мрежи да се споделуваат лажни вести дека млади спортисти починале ненадејно или колабирале како последица на вакцината против ковид. Вистиномер на оваа тема има пишувано во повеќе наврати.

Ситуации во кои млади фудбалери ненадејно починале или колабирале имало во минатото и пред појавата на коронавирусот и вакцините за заштита од вирусот.

Ситуации во кои фудбалери имале срцеви проблеми или кои колабирале на терен не е ни новост ни реткост. Тие се споменуваат во спортската медицина и медицинските журнали.

Во британскиот журнал за спортска медицина пишува дека ненадејно престанување на срцето со работа (cardiac arrest, commotio cordis – lat.) меѓу фудбалерите, не може точно да се каже колку често се случува, но може да се предвиди дека 1 од 65 илјади атлети до 1 во 200 илјади атлети ќе го доживее ова. Во САД тоа значи дека секои три дена ќе има по еден случај на ненадејно престанување на срцето со работа кај фудбалер, и оваа појава е за 2,5 пати почеста отколку кај луѓе што не се спортисти!

Заклучокот на овој журнал е дека ненадејно престанување на срцето со работа е катастрофален настан кој може да доведе до смрт кај млад, здрав фудбалер. За да се превенираат вакви настани се прават скрининзи пред натпревар, но овој скрининг има свои недостатоци поради кои вакви настани ќе се случуваат и во иднина во фудбалот.

На оваа тема има пишувано и Ројтерс, кој исто така дебанкирал вести кои тврделе дека млади спортисти починале од срцев удар како резултат на ковид вакцините.

Ројтерс разговарал со Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), британскиот регулатор за лекови и вакцини, од каде рекле дека нема докази за поддршка на таквите тврдења.

Главниот извршен директор на MHRA, д-р Џун Рејн изјавил за Ројтерс:

MHRA внимателно ја следи безбедноста и ефективноста на вакцините ковид-19, вклучително и извештаи за сомнително воспаление на срцето, миокардитис или перикардитис. Миокардитисот или перикардитисот останува многу редок потенцијален ризик од вакцините Фајзер и Модерна, а пријавените настани се типично благи, со поединци кои обично закрепнуваат за кратко време со стандарден третман и одмор. Тековните докази не сугерираат дека спортското вежбање е ризик кој придонесува за овие многу ретки настани.

Од организацијата Cardiac Risk in the Young (CRY), британска добротворна организација која финансира медицински истражувања и поддржува семејства на млади луѓе погодени од срцеви заболувања, за Ројтерс изјавиле дека „не биле свесни“ за какви било објавени или рецензирани истражувања за наводни врски помеѓу ненадејните застои на срцето кај спортистите и вакцините против ковид-19.

Важно е да се разбере дека младата ненадејна срцева смрт (и кај спортистите и кај општата популација) трагично не е нов феномен, рекле оттаму за Ројтерс.

CRY, исто така, му ги посочиле на Ројтерс податоците објавени во 2008 година, кои покажале дека 12 „очигледно способни и здрави“ млади луѓе (на возраст од 35 години и помлади) умираат секоја недела во Обединетото Кралство од претходно недијагностицирани срцеви заболувања (www.c-r-y.org.uk/statistics/ и тука).

Кардиолозите во изјава за АП рекле дека има случаи на спортисти кои доживеале ненадејна срцева смрт и срцев удар долго пред пандемијата на ковид-19 и дека тие не забележале драматичното зголемување на вакви случаи, како што се сугерира на социјалните мрежи.

Вакви фабрикувани објави кои се дел од поширока антиваксерска кампања, имаат за цел да ја убедат јавноста дека вакцините се штетни и да предизвикаат страв и недоверба кон нив, притоа користејќи неточни информации. Затоа, овие сензационалистички објави на социјалните мрежи треба да се читаат со голема резерва и информациите споделени во нив да се проверат од неколку извори, а не веднаш да се верува во напишаното.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека дел од спортистите наведени во листата (оние кои ги проверивме) доживеале некаков вид на потешкотии на теренот, колабирале или имале срцеви проблеми, некои од нив дури и починале, ама тоа да се доведува во корелација со вакцината е неточно, затоа што нема докази за такво нешто, ниту пак, има информации дали тие биле воопшто вакцинирани. Дефинитивно е неточно и дека пораснал бројот на колабирања откако е почната вакцинацијата. Колапси на  спортските терени имало и пред тоа и ќе има и во иднина. Поради тоа оценуваме дека на објавата што  ја анализираме ѝ недостига контекст.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...