Нелегалната сеча, криволовот и отпадот се најголеми непријатели на заштитените подрачја

Да се спасат заштитените подрачја и да им се обезбеди помош на управителите да го сочуваат биодиверзитетот, апелираат граѓанските организации. Нелегалната сеча на дрвја, криволовот, оставање на огромни количини отпад од несовесни посетители и загрозување на живиот свет се најголемите опасности со кои се соочуваат овие подрачја во кои се крие најголемото природно богатство на земјата. Екологистите, во деновите кога се одбележуваат светските денови на биодиверзитетот и на Натура 2000, европскиот ден на парковите, како и деновите на пчелата и желката, апелираат дека на заштитените предели потребна им е континуирана заштита за да не ги изгубиме.

Пандемијата на Ковид 19, посочуваат активистите, значително ги погоди заштитените подрачја во земјава, а најдраматично се рефлектираше во падот на приходите на парковите.

„Намалениот број туристи генерално може да се смета за позитивно влијание врз намалувањето на притисоците врз животната средина. Сепак, промената во структурата на посетителите и поголем број на неодговорни туристи, во комбинација со неможноста на управителите да обезбедат редовна присутност во подрачјата, резултираше со повеќе негативни примери на вознемирување на животните, уништување на биодиверзитетот, уништување на инфраструктурата во подрачјето, оставање отпад, нелегален лов и сеча…“, велат од „Еко свест“.

Тие апелираат до Владата да ги следи искуствата од земјите од регионот каде негативните ефекти од пандемијата значително се амортизираат со редовно буџетско финансирање на заштитените подрачја и да започне со финансиска поддршка на овие предели, но и да воспостави редовни механизми за финансирање на активности за заштитата на природата кои ќе овозможат одржливо функционирање на заштитените подрачја и заштита на нашето највредно богатство.

Во време кога човечките активности, но и климатските промени вршат огромен притисок врз живиот свет, секоја година со одбележувањето на Денот на биодиверзитетот се пребројуваат новите загрозени видови во светот и кај нас. Според Црвените листи на загрозени видови на IUCN од 19 век па до денеска изчезнати се околу 800 видови. Причините се различни, од губењето на хабитатите, прекумерната експлоатација и инвазивните видови, до влијанието на промените на климата.

Северна Македонија има извонредна, но сериозно загрозена биолошка разновидност. Во земјава постојат околу 22.000 видови од кои околу 1.000 се ендемични. Има 82 видови цицачи, 332 видови птици 32 видови влекачи и 15 видови водоземци. Има и 3200 видови растенија, над 2000 видови алги и габи и 500 видови мовови. Десетици видови се наоѓаат на црвените листи.

Најпознатите, белоглавиот и египетскиот мршојадец се единствените кои останаа да се гнездат во С. Македонија и се на светските листи на загрозени птици, додека црниот и брадестиот се истребени.

Загрозени се и нашите желки, блатната, шумската, полската и речната и сите четири видови се на црвената листа на влекачи во категоријата ранливи. Најчестата закана е загубата на живеалишта поради интензивирано земјоделство и користење хемикалии, прекумерно собирање и трговија со примероците, а во случајот со водните желки и пресушувањето на живеалиштата.