fbpx

Неизвесна гордост во дел од „Македонија повторно горда“

Дел од Платформата „Македонија повторно горда“ на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова, упатува на неизвесност на иднината на државата кога станува збор за евроинтеграциските процеси и за односите со Грција и со Бугарија

-

Дел од Платформата „Македонија повторно горда“ на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова, упатува на неизвесност на иднината на државата кога станува збор за евроинтеграциските процеси и за односите со Грција и со Бугарија. Бугари во устав нема да има бидејќи такво нешто нема во Договорот со Софија, а Преспанскиот договор е правно и политички отворено прашање, пишува Вистиномер во својата анализа. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на државата поддржана и кандидирана од ВМРО-ДПМНЕ, ако победи на претседателските избори со себе ќе го понесе за реализирање и делот од Платформата „Македонија повторно горда“, во која практично може да се забележи неизвесност за државата кон евроинтегративниот пат, како и за односите со соседите.

Ова се чини важен детал кој треба да се потцрта од Платформата, бидејќи претседателот на државата според Уставот и други закони има директни надлежности во делот од надворешната политика.

Иако и на митинзите во говорите, пред ТВ гледачите, но и во нејзината платформа, европската ориентација на државата е неспорна и земјата и нејзините граѓани заслужуваат и треба да влезат во ЕУ (стр.10 од Платформата), во моментов овој процес е во „сива зона“ по вина на „катастрофалната политика“ на актуелната власт.

Во моментот се наоѓаме во сива зона. Преговорите со ЕУ се само отворени, но не и започнати… суштинските преговори не се започнати како резултат од катастрофално лошата политика на Владата во однос на условите што ни се наметнати за исполнување, пред да започнеме реално да преговараме со ЕУ…

Оваа констатација, патем, е традиционална и во редовите на опозициската партија најмалку од летото 2022 г., кога владејачката гарнитура ги прифати предусловите за суштински почеток на преговорите и предложената од ЕУ, преговарачка рамка во чии општи услови се и почитување и спроведување на Преспанскиот и Договорот со Бугарија. Силјановска Давкова, после оваа констатација цитирана погоре, нуди детали од евроинтеграција од друга природа.

На пример, нејзин експертски тим во тимот на македонската влада кога ќе се преговара по поглавјата, „барање за итен влез во единствениот пазар“, иницијатива „за итен пристап на Македонија до европските структурни и кохезивни фондови“ и проширување на соработката со Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД за трансформација на општеството не само во делот на јавната администрација, туку и многу пошироко (стр.12 и 13 од Платформата).

Силјановска Давкова со овие заложби, иако се релативно општи, не отстапува ни за милиметар од определбата за ЕУ, иако е јасно, на пример, дека барањата за пристап до структурните и кохезивните фондови за земја-кандидат за членство е речиси незамисливо да биде одобрено покрај постоечките претпристапни фондови и новиот финансиски план на ЕУ за Западен Балкан. Сепак, дури кога ќе се погледнат деловите за Преспанскиот договор и за барањето за уставни амандмани за влез на Бугарите во Уставот, започнува средбата со неизвесноста како силен елемент во делот од програмата на кандидатката за претседател што се однесува на натамошниот евроинтеграциски пат и односите со соседите.

 

Нема „северна“ зашто прашањето околу Преспанскиот е отворено!

За Силјановска Давкова лично како граѓанин, но и кандидат за претседател на државата, Преспанскиот договор со Грција e спорен, а прашањето сè уште го смета за правно и политички отворено:

Преспанскиот договор, заедно со уставните измени, беше донесен со кршење на националното право и е спорен во рамките на меѓународното право, посебно во врска со правото на самоопределување, принципот на еднаквост на државите, мешањето во внатрешните работи на суверена држава, а задирањето во идентитетот е и сериозна повреда на колективните и на индивидуалните човекови права на граѓаните на Македонија. Прашањето, сè уште, го сметам за правно и политички отворено.
Почитувајќи ја јасно изразената волја на македонските граѓани од септември 1991 година, како и од септември 2018 година, но и како граѓанин, во обраќањата до јавноста нема да ја користам придавката „северна“.

Оваа оценка на правната спорност и отвореноста на уставните измени и на Преспанскиот договор е првиот и најголемиот предизвик пред кој ќе се најде Силјановска Давкова како иден претседател, но и земјата и граѓаните, доколку реши да ги спроведе во реалната политика нејзините уверувања.

Момент од потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 г..Фото: vlada.mk

Кога беше потпишан Договорот од Нивице во 2018 година, вакви правни и уставни оценки имаше и од дел од професори од факултети при УКИМ, а особено после референдумот за ова прашање, кој што беше консултативен, но според важечките прописи неуспешен што беше констатирано и од ДИК. Сентиментот дека е неправеден за Македонците и дека го дели македонскиот идентитет со границите на С. Македонија сè уште е присутен и ден денешен од лица блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ, какви што се поранешните функционери од оваа партија Илија Димовски и Марјан Ѓорчевкој, пак, се залагаше и за одложена примена додека Македонија не влезе во полноправно членство во ЕУ.

Но, со оглед на тоа што во делот на НАТО и на безбедноста на земјата кандидатката за претседател има сосема јасни и недвосмислени ставови, кои не ја преиспитуваат актуелната позицијата и членството на С. Македонија – а Преспанскиот беше услов за во НАТО, првиот дел од цитатот на Силјановска Давкова може повеќе да се сфати како образложение за ветувањето во последниот пасус – дека во обраќањето до јавноста нема да ја користи придавката „северна“.

Па, сепак, дури и да се држи само до ова ветување, веќе е јасна неизвесноста во односите со еден од соседите – Грција и во делот на спроведувањето на меѓународните обврски на земјата. Што е во спротивност со неколку пати повторената реченица во Платформата дека државата треба да има добри односи и соработка со сите свои соседи.

 

Бугари во Уставот не, Договорот со Софија не го бара тоа!

Сосема е јасен и ставот во Платформата на Силјановска Давкова во однос на прашањето за уставните измени и влез на Бугарите во Уставот. Тој дури е порадикален и од ставот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие ја прават оградата „под бугарски диктат“, додека за Силјановска Давкова такво нешто нема да има, почитувајќи ја волјата на граѓаните и следејќи го Договорот за доброседство и пријателство со Бугарија:

Прашањето на уставните амандмани
Како претседател ќе градам консензус со владата, но и со опозицијата во однос на ова прашање. Ќе комуницирам и со граѓаните и ќе го слушам нивното мислење. Во процесот ќе ги имам предвид националните и државните интереси на Република Македонија, начелата на Уставот, заштитата на македонскиот идентитет и интегритет, како и темелните принципи и вредности на Европската Унија, Советот на Европа и пошироките принципи на меѓународното право. Поентата на европската интеграција е европеизација според копенхагенските критериуми.
Во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка нема ниту еден дел за промена на Уставот на Република Македонија
.

Всушност, со вака кратко срочените ставови кон ова прашање Силјановска Давкова не се обраќа само кон барањето за внесување на Бугарите во Уставот, туку го позиционира ставот за францускиот предлог и за Преговарачката рамка со ЕУ.  Иако Силјановска Давкова позитивно го нотира потребниот консензус и со опозицијата – најслабата точка на СДСМ при прифаќањето на францускиот предлог – мислењето на граѓаните, националните и идентитетски интереси, итн, сето ова упатува на со месеци повторуваниот став на ВМРО-ДПМНЕ за репреговарање на Преговарачката рамка со ЕУ.

Потпишување на Договорот со Бугарија во Скопје во 2017 г. Фото: Влада/веб

Но и преиспитување на Договорот со Бугарија, нешто што се смета како константа во идната политика на ВМРО-ДПМНЕ како носители на власт, иако ниту првото, ниту второто сè уште не може да се види, зашто нивната „Платформа 1198“, т.е. програма, сè уште не е јавно објавена на нивната веб страница.

Споменувањето на „европеизација според копенхагенските критериуми“, подразбира попрецизно барање за исфрлање на т.н. билатерализација во преговорите со ЕУ, односно исфрлање на посебни одредби во општите делови на преговарачката рамка кои се однесуваат на регионалната соработка и добрососедските односи.

***

Односот кон Преспанскиот договор и кон Преговарачката рамка со ЕУ се дел од легитимна политичка платформа и понуда. Сепак, имајќи ги предвид искуствата од над тридецениското искуство од самостојниот живот на Македонија, посебно ако се земат предвид односите со Грција и со Бугарија, овие понуди во Платформата „Да ја направиме Македонија повторно горда“, на кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова, може да се оцени како понуда што во најмала рака нуди неизвесност поврзана со натамошниот евроинтеграциски пат и со добрите односи на С. Македонија со сите свои соседи. Гордоста која е основна нишка во Платформата може да биде многу неизвесна, зашто Македонија беше горда и на контрадемонстрациите во 1991 кај Богородица и по отфрлањето на одлуките на ЕЕЗ од Лисабон во 1992 година и по првите признавања со уставното име од Турција, Русија и Бугарија, а потоа и на 140-на земји членки на ООН, вклучувајќи го и признавањето на името од САД во 2004 година и на пресудата на Меѓународниот суд во Хаг дека Грција немала право да не блокира за во НАТО од 2011 година…, а за сето време не само што тапкавме во место, туку одевме назад. Иако, тие процеси не запреа многу ни по Нивице.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...