fbpx

Не прекинуваат теориите на заговор што го претставуваат Бил Гејтс како „вакцинален злосторник“

Бил Гејтс ги нема продавано овие вакцини, туку ги има донирано во севкупниот глобален обид да се возврати на пандемијата, сиромашните држави да добијат вакцини и да се намали смртноста

-

Во објавата Бил Гејтс е претставен како „злосторник против човештвото“, поради тоа што вакцинацијата ја промовира како придобивка. Иако, тоа е неспорен факт – вакцинацијата е најголема придобивка на медицината со која се искоренети многу смртоносни болести. Но, во објавата се изнесени куп невистини за тоа дека вакцините се шетни и дека целта е со нив да се изврши депопулација. Не е точно ни дека ковид пандемијата беше измислена, ниту пак, дека вакцините против ковид содржат графен оксид и наночипови. Дополнително, вакцинацијата против ковид-19 е незадолжителна и се прима на доброволна основа, со писмена согласност од граѓаните, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Најголемиот лажго, измамник и злосторник над човештвото за убивање и смалување на бројот на жители во светот преку вакцинирање на луѓето, е смрдливиот сатанист од длабоката држава Бил Гејтс, кој што не 99,99 проценти туку 100 проценти и понатаму ги лаже и измамува луѓето и продолжува преку други „средства“ луѓето да внесуваат во нивните тела нано чипови, графен оксид, содржини од наводните „вакцини“ против наводниот „квк-19“!!!

Во склоп на објавата презентирани се три видеоматеријали. Првиот го има на Јутјуб каналот „Нас Дејли“ и во него се кажува дека 7 работи може да спасат 2 милиона мајки и бебиња од смрт при породувањето. Тоа се апче за лекување на инфекции во бременоста, чаршав за да се спречи губење на крвта при породувањето, инјекција со железо за да се спречи анемија кај мајките, стероид инјекција за да им се помогне на бебињата да останат живи, прашак кој им помага подобро да се хранат, витамини и ултразвук машина.

Ова промотивно видео на Бил Гејтс и „Нас Дејли“, всушност не ни вклучува во себе какви било „вакцини“, за кои во објавата што ја рецензираме се тврди дека се убиствени и штетни, што, секако, е невистина. Станува збор за промотивно едукативно видео што има за цел да ги претстави напорите во неразвиените земји каде смртта на мајките и бебињата при породувањето се високи, тие бројки би можеле значително да опаднат доколку се помогне со седумте препораки и совети. Од ова видео не само што не се докажува дека Гејтс е злосторник над човештвото, туку токму спротивното – тој со инвестиции и донации во вакцините и други здравствени мерки, преку својата фондација се обидува да спаси животи особено во неразвиените региони од светот. Не е точно дека Бил Гејтс ја смалува популацијата во светот. Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс со нивниот проект за вакцинација – Гави, спасила 3.4 милиони животи во период од 8 години.

Дека нема никаков „план за депопулација“, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, покажува и фактот што Обединетите нации во публикација од 2019 година наведуваат дека светската популација продолжува да расте со успорена стапка. Во 2019 година имало 7,7 милијарди луѓе во светот. До 2030 се проценува дека бројот ќе порасне на 8.5 милијарди, а до 2050 ќе порасне на 9,7 милијарди и 10,9 милијарди до 2100 година, се вели во извештајот на страница број 1.

Според Ворлдометерс светската популација е повисока од онаа во 2019 година. Во 2021 година во светот има 7.9 милијарди луѓе, наспроти 7,7 милијарди во 2019, а во 2023 се искачи на 8 милијарди.

Во објавата што ја рецензираме се вели дека „ковид е наводен”, со што се прави обид да се релативизира опасната болест која одзема илјадници животи на светско ниво, особено пред да биде достапна вакцината. Дополнително, во вакцините нема ни графен оксид ни наночипови и сите состојки на вакцината се јасно наведени во упатствата за користење. Во  упатството со факти објавено на страницата на Агенцијата за храна и лекови на САД, каде се наведени сите состојки во вакцината, меѓу наведените состојки се мРНК, масти, соли и сахароза, но нема графен оксид ни нано чипови. Како што Вистиномер претходно пишуваше, ни теоретски, а камоли практично, не е возможно со игла која е премногу тенка, во телото на човек, преку вакцинација да се вбризга чип.

Во второто видео, пак, е прикажан само еден краток фрагмент во којшто Гејтс вели дека „земаме нешто што е генетски модифицирано и го инјектираме во малите деца“. Како што пишува „Хелт Фидбек“, тука Бил Гејтс е изваден надвор од контекст бидејќи на настанот зборувал за важноста на безбедносното тестирање при прифаќањето на новите технологии. Тој правел компарација меѓу безбедносниот систем за лекови и генетски модифицираните растенија. Впрочем, Гејтс ја промовираше идејата дека да се има безбеден мониторинг систем, би помогнало фармерите да донесат информирани одлуки за тоа дали да користат ГМО, како што тоа се случува во медицината.

Но, начинот на кој второто видео во оваа објава е измонтирано, прави да изгледа како Гејтс да промовира инјектирање на генетски модифицирани организми кај децата, што не е случај, пишува „Хелт Фидбек“.

Третото видео од објавата е приказ на мноштво дискредитации за Бил Гејтс, односно теорија на заговор која го претставува Гејтс како сатанист кој преку вакцините сака да им наштети на луѓето. Но, на страницата на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс има целосен времеменски приказ на сите активности и финансиски средства што оваа фондација ги има дадено во текот на ковид пандемијата, а со цел зајакнување на глобалниот одговор на државите кон пандемијата, особено со фокус на земјите со ниски приходи за да имаат можност да добијат навремено вакцини, но и тестови, а и за да се направи брза вакцина. Бил Гејтс ги нема продавано овие вакцини, туку ги има донирано во севкупниот глобален обид да се возврати на пандемијата, сиромашните држави да добијат вакцини и да се намали смртноста. Веќе е познато дека Бил Гејтс е поборник на вакцинација со цел да се подобри квалитетот на животот, да се одговори на глобалните епидемии и да се продолжи животниот век на луѓето.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Не е точно дека Бил Гејтс учествува во злосторство против човештвото преку вакцинација. Дополнително, вакцинацијата против ковид-19 е незадолжителна и се прима на доброволна основа, со писмена согласност од пациентот и е испитана и безбедна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...