fbpx

Македонија ја претстави инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на COP28

Целта ќе биде замена на јагленот како енергенс, инсталирање на 1,7 гигавати обновлива енергија до 2030 година, инвестиции во мрежата и складирањето за обезбедување на сигурност во снабдувањето со електрична енергија и праведни преодни мерки за поддршка на заедниците погодени од оваа транзиција

-

Северна Македонија денеска ја претстави и најави инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција со цел успешна транзиција кон ниско-јаглеродна економија и праведна транзиција на енергетскиот сектор, соопшти Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

„Платформата претставува пресвртница за земјата која е историски зависна од јаглен и ја истакнува нејзината амбиција да го трансформира својот енергетски сектор и економија во ниско-јаглеродна, со пониски трошоци и обезбедување сигурност во снабдување со електрична енергија. ЕБОР ја поддржува владата во развојот на платформата и ќе ја води координацијата со меѓународните партнери“, соопшти ЕБОР.

На почетокот на настанот се приклучија претставници на Европската комисија, Климатскиот инвестициски фонд, Светската банка, Меѓународната финансиска корпорација, Европската инвестициска банка, KfW, Банката за развој на Советот на Европа, како и Cassa Depositi e Prestiti – италијанската развојна банка, кои ја потврдија својата поддршка за амбициозните цели на Северна Македонија, имплементација на платформата, како и неколку донаторски и филантропски организации.

На COP28, климатскиот самит во Дубаи, министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши ги презентираше целите на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, како алатка за привлекување на инвестиции и развој на политики што ги здружува владата, меѓународните финансии и приватниот сектор.

Целта ќе биде замена на јагленот како енергенс, инсталирање на 1,7 гигавати обновлива енергија до 2030 година, инвестиции во мрежата и складирањето за обезбедување на сигурност во снабдувањето со електрична енергија и праведни преодни мерки за поддршка на заедниците погодени од оваа транзиција.

„Ова ќе ја зајакне постојната заложба на Северна Македонија, како што е наведено во нејзините Национални придонески кон климатските промени, за намалување на нето емисиите на стакленички гасови за 82 отсто до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година. Бидејќи енергетскиот сектор значајно придонесува кон емисиите на земјата, каде што јагленот историски претставува над 40 отсто од производството, енергетската транзиција е клучна за постигнување на оваа цел“, велат од ЕБОР.

Платформата ќе се заснова на успешна соработка со Климатскиот инвестициски фонд, кој се очекува да обезбеди до 85 милиони американски долари грантови и концесиски финансии за регионите погодени од јаглен, што е предмет на одобрување од страна на Комитетот на Фондот врз основа на подготвениот инвестициски план за забрзана транзиција на јаглен, кој Северна Македонија треба да го достави до февруари 2024 година.

„Многу сме горди што сме партнер на Северна Македонија во оваа иновативна платформа предводена од земја, која ги спојува владините обврски, меѓународната поддршка и приватните финансии за да се забрза праведната енергетска транзиција“, рече претседателката на ЕБОР, Рено-Басо.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...