fbpx

Не е точно дека на Деве Баир биле запленети три камиони со оружје и дека преминот бил затворен

-

Според МВР, на 31 јануари воопшто немало затворање на граничниот премин Деве Баир, ниту пак, заплена на три камиони со оружје. Од МВР за Вистиномер изјавија дека станува збор за целосно лажна вест, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

31.01.2023. Во моментов на Деве Баир запленети се три камиони со оружје, преминот е затворен.

Дезинформацијата од постот што го рецензираме беше објавена и на профилот на Миленко Неделковски. Во коментар под објавата на Неделковски, авторот на постот пишува дека тој прв ја објавил информацијата и дека ја добил „од прва рака од нивен човек на граница“.

Истата содржина Вистиномер ја пронајде и на неколку портали. Порталот Инфомакс каде што, исто така, беше објавено дека на граничниот премин Деве Баир имало заплена на три камиони со оружје, ја повлече веста.

Министерството за внатрешни работи ја демантира во целост оваа дезинформација. Според МВР, на споменатиот датум воопшто немало затворање на граничниот премин Деве Баир, ниту пак, заплена на три камиони со оружје.

Станува збор за целосно лажна вест, изјавија од МВР за Вистиномер.

Ниту еден од мејнстрим медиумите не објави за „настанот“ на Деве Баир, веројатно бидејќи при проверувањето на (дез)информацијата во МВР е констатирано дека таков случај не постои.

Информациите за заплена на три камиони со оружје на Фејсбук, пак, се објавени без обид за проверка во МВР, а таков обид не може да се збележи ниту на објавите на порталите кои веста ја пласирале базирано на неименуван, анонимен извор. И во следните ден и половина по објавувањето на ваквата „вест“ немаше никакви други дополнителни информации или коментари на оваа тема ниту од надлежните институции, ниту од медиумите во земјата или во странство, ниту на социјалните мрежи што би било крајно невообичаено кога навистина би биле запленети три камиони со оружје на македонско-бугарската граница.

Објавувањето на дезинформации поврзани со Бугарија е особено сензитивно прашање кога тоа се прави неколку денови пред одбележувањето на 4 февруари, кога се чествува великанот Гоце Делчев.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во изјава за медиумите апелираше граѓаните да не подлегнуваат на повици и да не преземаат надлежности што се во ингеренција на МВР. Министерот повика сите политички субјекти да бидат одговорни во процесот. Тој нагласи дека МВР ги презема сите активности за мирно и безбедно да се чествува годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, и рече дека тогаш кога ќе се процени дека треба да има поголемо присуство на полицијата тоа ќе биде спроведено.

Спасовски, исто така, кажа дека и двете држави, и Македонија и Бугарија преку своите министерства за внатрешни работи ќе направат сè за да не им се остави простор на радикалите кои сакаат да го нарушат односот меѓу двете држави.

Нема да дозволиме ескалација на состојбата ниту инцидент, ниту понижување на македонскиот народ и држава, рече Спасовски.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...