Први дојави за бомби во скопските училишта во текот на второто полугодие од учебната година

Фото: Мета.мк

Нови дојави со заканувачка содржина за наводно поставени бомби се испратени на електронските адреси на осум училишта за средно образование во Скопје. Министерството за внатрешни работи работи информира дека пријавата за наводно поставените бомби ја добиле околу 11.40 часот. Едно од училиштата во кое е испратена закана е „Михајло Пупин“.

„Ова е прв пат во ова второ полугодие да добиеме дојава. Сите вработени и ученици излегоа од училиштната зграда. Екипи на МВР дојдоа, проверија и рекоа дека нема ништо и дека можеме да се вратиме на настава. Така и направивме“, вели за Мета.мк директорот на училиштето, Димитар Ѓоргиев.

Во МВР информираа дека откако ја добиле пријавата, полициски службеници презеле мерки за безбедно евакуирање на училиштето.

„Во тек се антитерористички проверки. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат оттаму.

Првата дојава за поставен експлозив ја добија пет скопски гимназии на 26 октомври лани. Сите до сега беа лажни. Најмногу училишта добија лажни закани на 15 декември, кога истиот мејл беше испратен до 39 скопски и 10 кумановски училишта. Ден подоцна, освен училишта, лажни дојави испразнија хотели, трговски центри, но и скопскиот аеродром.

Министерот за внатрепни работи Оливер Спасовски кажа дека и меѓународните партнери се во тек со случувањата поврзани со дојавите, а во неколку наврати изјави дека нема индиции за нарушување на безбедносната состојба.