fbpx

Не е точно дека директорот на Фајзер признал оти вакцината не била тестирана и не била за ковид

-

Воопшто не се бараше од Фајзер, или било која друга компанија за производство на вакцини да тестира дали вакцината против ковид-19 ја намалува трансмисијата на вирусот пред да ја пуштат во употреба. Тоа не им беше потребно ниту за ицинијалното регулаторно одобрување, ниту компаниите (вклучително и Фајзер) тврдат дека ги тестирале. Тврдењето, пак, во постот што го рецензираме дека „директорот на Фајзер признал оти вакцината не била тестирана и не била за ковид“ е комплетно невистинито и е резултат на погрешен превод. Вакцината на Фајзер е наменета против ковид и е тестирана, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека директорот на Фајзер „признал дека вакцината не била тестирана и не била за ковид“. Притоа се споделува фотографија од твит на српската контроверзна лекарка Мила Алечковиќ, во којшто таа вели дека „директорот на Фајзер признал дека неговата вакцина не била тестирана и не служела да спречи трансмисија“. Првиот заклучок до којшто може да се дојде, е тоа дека во системот на расипан телефон, односно при преводот на твитот, авторот на постот комплетно го променил значењето на оригиналниот твит кога невистинито тврди дека „директорот на Фајзер признал дека вакцината не била за ковид“. Директорот на Фајзер воопшто нема кажано дека „вакцината не е за ковид“, а тоа не го кажува ниту контроверзната српска лекарка, чиј твит се споделува, Мила Алечковиќ. Постот што го рецензираме има исклучителна виралност од 49 споделувања, 46 коментари и 136 допаѓања во моментот на пишувањето на оваа рецензија.

За Мила Алечковиќ позната е информацијата дека таа е психолог и клинички психијатар, професор на факултет под чие менторство во Србија дипломирале над 120 студенти. Професорката Мила Алечковиќ предава психологија на личноста, психопатологија на личноста, антропологија на личноста, когнитивна невропсихологија, психолошки правци, психологија на учењето и психологија на манипулациите. Секако, ниту еден од овие предмети и стручни полиња на дејствување на Алечковиќ не е поврзан со вирусологија, епидемиологија или имунологија.

Воопшто не се бараше од Фајзер, или било која друга компанија за производство на вакцини да тестира дали вакцината против ковид-19 ја намалува трансмисијата на вирусот пред да ја пуштат во употреба. Тоа не им беше потребно ниту за ицинијалното регулаторно одобрување, ниту, пак, компаниите (вклучително и Фајзер) тврдат дека ги тестирале. За да добијат дозвола за итна употреба, компаниите производители на вакцини требаше да покажат дека вакцините се безбедни и превенираат вакцинираните луѓе да се разболат. Од нив не беше барано да докажат и дека вакцините, исто така, ќе превенираат луѓето да го шират вирусот на други луѓе. Откако вакцините се најдоа на пазарот, независни истражувачи во повеќе држави спроведоа студии на лица кои ја примиле вакцината на Фајзер и тие истражувања покажаа дека вакцината ја намалила и трансмисијата на варијантите кои во тоа време циркулираа.

 

Ниту компаниите, ниту европските регулатори не ветуваа дека вакцините го спречуваат ширењето на вирусот од човек на човек пред тие вакцини да се најдат на пазарот.

Тврдењето дека директорот на Фајзер признал оти вакцината не е тестирана дали спречува трансмисија, потекнува од подолг клип на овој линк, со почеток од првата минута, па сѐ до крајот на видеото. Во тоа видео, членот на Европскиот парламент, Боб Рус, од Холандија споделува наслов „Брејкинг: Вакцината никогаш не била тестирана за тоа дали превенира трансмисија, ковид пасошот беше базиран на голема лага“. Во видеото, Рус, застанат пред камерата, вели дека холандскиот премиер и министерот за здравство на Холандија им кажале на граѓаните дека ако не се вакцинираат тогаш се асоцијални и дека не го прават тоа за себе, туку за другите. Но, според Рус, сето тоа било невистина, бидејќи во Европскиот Парламент една од директорките на Фајзер признала дека вакцината на почетокот не била тестирана за тоа дали спречува трансмисија на вирусот. Во видеото, Рус ја прашува личноста идентификувана како Џ. Смол од Фајзер за јасен одговор со да или не, на прашањето „Дали вакцината на Фајзер против ковид 19, беше тестирана за спречување на трансмисијата на вирусот пред да влезе на пазарот?“. Смол одговара со не и објаснува дека компанијата морала да брза и да биде во чекор со науката.

Точно е тоа што претставничката на Фајзер го тврди во видеото, дека вакцината не е тестирана во почетните клинички студии, за тоа дали спречува да се пренесе вирусот од човек на човек. Во тоа време, владите ширум светот однапред преговараа да купат вакцини во 2020 година. Европската агенција за лекови веќе издаде точни барања за апликација, односно за условна дозвола за вакцина против ковид 19. Клиничките тестирања веќе се спроведуваа, а тестови со кои би се докажало дека вакцината спречува трансмисија не беа побарани од ниту еден производител на вакцини.

ЕМА во својата презентација тогаш посочи дека клиничките студии треба да ги покажат следните бенефити: безбедност и барем 50 проценти ефикасност против симптоматска болест.

Во презентацијата на Европската агенција за лекови пишува дека другите бенефити од вакцината, кои не се јасни во моментот на нејзиното одобрување и ќе бидат појасни откако таа ќе биде одобрена, се долгорочната заштита на вакцината, превенцијата од инфекција и превенцијата од тоа вирусот да се шири во општеството и за тие податоци ќе биде потребно да се спроведат специфични студии после одобрувањето.

И американската Агенција за храна и лекови имаше исти очекувања од вакциналните испитувања во јуни 2020 година. И американската Агенција за храна и лекови не бараше податоци за тоа дали вакцината ја спречува трансмисијата.

Портпаролот на Фајзер за Ројтерс вели дека регулаторите воопшто не побарале од компанијата да навлезе во прашањето за трансмисијата во своите први клинички испитувања на вакцината.

Од Фајзер се барало само да евалуира колку е ефикасна вакцината за превенирање на БОЛЕСТ предизвикана од Сарс Ков 2, вклучително и СЕРИОЗНА БОЛЕСТ. Првичните клинички испитувања воопшто не беа дизајнирани за да проценат колкава е ефективноста на вакцината против пренесување на Сарс Ков 2.

Подоцна, кога клиничките испитувања за ефикасноста на вакцината почнаа да се појавуваат регулаторите појаснија во ноември 2020 година дека останува непознато колкав е ефектот на вакцината за спречување на вирусната трансмисија.

ЕМА на 21 декември 2020 година објави:

Импактот на вакцинацијата со комирнати вакцината и ширењето на вирусот во општеството уште е НЕПОЗНАТ. Не се знае уште колку вакцинираните, можат да го носат и да го шират вирусот.

Уште во јануари 2021 година, директорот на Фајзер Дејвид Бурла продолжи јавно да кажува дека КОМПАНИЈАТА НЕ ЗНАЕ ДАЛИ ВАКЦИНАТА СПРЕЧУВА ТРАНСМИСИЈА НА ВИРУСОТ. За Џрнал, тој рече дека прелиминарните податоци за трансмисијата на поширока популација се охрабрувачки, ама дека не се конклузивни.

Знаеме дека кај животните има значајна заштита од трансмисија на вирусот. Не сме го докажале тоа за луѓето уште, рече Бурла.

Месеци откако вакцината се најде на пазарот, истражувања од Велика Британија и од Израел покажаа дека вакцината навистина го намалува пренесувањето (трансмисијата) на вирусот.

Во февруари 2021 година податоци од Израел покажаа остар пад во инфекции меѓу здравствените работници 15 до 28 дена по две дози вакцина од Фајзер.

Продолжија да се трупаат докази и во 2021 година дека мРНК вакцините превенираат инфекции и понатамошно ширење на вирусот. Меѓутоа, кога се појави делта варијантата и кога помина подолго време после вакцинацијата, стана евидентно дека заштитата од инфекција и трансмисија почнаа да опаѓаат, иако не целосно. Омикрон дополнително повлијае негативно на ефективноста на вакцината против инфекција и трансмисија, иако не целосно.

Неодамнешна студија од американските затвори покажа дека за вакцинираните лица кои ќе добијат омикрон варијанта, шансите да го пренесат вирусот на друг човек се помали.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека постот кој го рецензираме е пост во кој се пропушта контекстот. Од Фајзер ВООПШТО НЕ СЕ БАРАШЕ да докаже на почетокот во првичните клинички тестирања, дека нивната вакцина превенира трансмисија на коронавирусот. Ниту, пак, Фајзер тврдеше на почетокот дека нивната вакцина спречува пренесување на коронавирусот. Тврдењето, пак, во постот кој го рецензираме дека „директорот на Фајзер признал оти вакцината не била тестирана и не била за ковид“ е комплетно невистинито и е резултат на погрешен превод. Вакцината на Фајзер е наменета против ковид и е тестирана.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...