Јутјуб ги воведува „хендлс“ – нов начин за идентификување на корисниците

фото: Youtube Official Blog

Јтујуб ќе воведе нов начин за именување и идентификување на корисниците, налик на истоимените „хендлс“ на Твитер.

Од Јутјуб соопштија дека креаторите ќе бидат поканети во текот на следните две недели да си изберат нов ИД со симболот „@“ како предзнак. Доколку до 14 ноември корисниците не изберат име, тогаш нивниот канал ќе добие автоматски „хендл“.

Како што појаснија од платформата, секој канал ќе има уникатен „хендл“, a целта е да им се олесни на членовите на Јутјуб заедницата полесно да се најдат и да се поврзат едни со други.

„Хендлс ќе се појавуваат на страниците на каналите и на кратките „Шортс“ видеа, така што тие ќе бидат веднаш и постојано препознатливи. Наскоро ќе биде поедноставно и побрзо да се спомнуваме во коментари. Креаторите можат да бидат означени и во насловот на некоја соработка со што ќе им се помогне да ја зголемат видливоста и да допрат до нова публика“, соопштија од Јутјуб.

Платформата го воведува новиот начин на именување на корисниците, како што вели, за да им обезбеди на креаторите да имаат идентитет кој би бил уникатен исто како и нивните содржини, притоа влевајќи им на гледачите доберба дека навистина имаат интеракција со нивните омилени креатори на содржини.