НБРСМ: Каматната стапка на благајничките записи покачена за дополнителни 0,25% на 6%

„На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,90% и 3,95%, соодветно“, велат од НБРСМ

-

Народната банка на РСМ (НБРСМ) одлучи повторно да ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за дополнителни 0,25 процентни поени до нивото од 6 проценти. Комитетот за оперативна монетарна политика одржал седница на 20 јуни 2023 година.

„На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,90% и 3,95%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари“, стои во соопштението на НБРСМ.

Од централната банка објаснуваат дека со последната промена продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика којшто започна од крајот на 2021 година, прво преку активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти.

Од НБРСМ велат дека поместувањата во изминатиот период во сегментите релевантни за монетарната политика се главно во согласност со очекувањата, но ризиците и натаму постојат.

„Од тие причини е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа. Имено, во согласност со очекувањата, во мај 2023 година, годишната стапка на инфлација и натаму забавува, а забавување бележи и базичната инфлација, којашто во мај се сведе на едноцифрено ниво. Сепак, инфлацијата и натаму е висока и над историскиот просек“, велат од НБРСМ.

Тие додаваат дека базичната инфлација сѐ уште е висока и упатува на тоа дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната сѐ уште не се целосно исцрпени. Очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите се засилуваат во надолна насока, но и натаму се проследени со неизвесност, додаваат од НБРСМ.

За стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа, велат од НБРСМ, водечките централни банки продолжуваат со затегнување на монетарната политика, но интензитетот е поумерен. Имено, од аспект на странската каматна стапка, на состанокот во јуни, ЕЦБ донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки за дополнителни 0,25 п.п., во согласност со изгледите за одржување на инфлацијата на повисоко ниво подолг период од очекуваниот.

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...