Направен уште еден чекор за гарантирање на правото на децата на здрава животна средина

Лешница, на Шар Планина. Фото: Проект STEP

Комитетот за правата на детето на Обединетите нации денеска експлицитно го потврди правото на децата на чиста, здрава и одржлива животна средина, издавајќи сеопфатно толкување на обврските на земјите-членки според Конвенцијата на ОН за правата на детето.

Овој општ коментар треба да послужи како потсетник за да ги одржиме напорите за климатска акција, притоа разбирајќи дека оваа акција е од суштинско значење во поддршка на детските права, порачува УНИЦЕФ.

„Младите луѓе во оваа земја претставија вистинско лидерство по прашањето на климатските промени. Тие успешно се залагаа и поддржаа нова сеопфатна политика, и покажаа големи капацитети за иновативност и подготвеност да ги дизајнираат и спроведуваат своите решенија на терен. Ова е ресурс што мора да го негуваме ако сакаме да останеме водечка земја во дејствувањето и образованието за климатските промени“, рече Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ.

Зимата 2021 година, илјадници млади луѓе од Северна Македонија придонесоа за развојот и донесувањето на Младинската декларација за климатски промени, со која ги повикаа носителите на одлуки да преземат конкретни активности за климатските промени и побараа повеќе можности за изнаоѓање решенија.

Од УНИЦЕФ велат дека продолжуваат да ја поддржуваат Владата во зајакнувањето на децата и младите во Северна Македонија да бидат агенти за промени, со цел да се намали ранливоста на заедниците како резултат на климатските промени, коишто ги поткопуваат правата на децата ширум светот.

Со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка и Шведската амбасада во Скопје и во соработка со клучните министерства, воведена е сеопфатна програма за климатско образование, со мноштво можности за образование и ангажман на младите за животната средина и климатските промени.

Преку оваа програма, УНИЦЕФ ги поддржа Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието во креирањето документи и политики кои вклучуваат современи и научно поткрепени пристапи кон образованието за влијанието врз животната средина и климатските промени. Како резултат на тоа, развиени се нови наставни програми, учебници, сеопфатни и кохезивни стандарди за учење преку кои образованието за животната средина и климатските промени се интегрира во различни дисциплини.

За да се зајакнат капацитетите за образование за животната средина, за речиси 6.000 наставници беа обезбедени практични алатки, водичи, обуки и образовни ресурси за да се олесни нивната практична работа. Илјадници активности и експерименти досега се организирани низ целта земја, овозможувајќи им на над 35.000 деца од градинките и основните училишта да ги разберат сложените концепти поврзани со животната средина и климата преку практични активности приспособени на нивната возраст.

Со оваа програма се поддржа и формирањето на Мрежата за искуствено учење, составена од шест институции: Ботаничка градина – Скопје, Хидробиолошки завод – Охрид, Едукативен центар – Негрево, Народна техника, Македонско еколошко друштво и Национален парк – Галичица. Мрежата за искуствено учење досега покажа огромен потенцијал да обезбеди воннаставни едукативни активности и работилници за училиштата во областа на климатските промени и да ги обедини младите луѓе преку можности за ангажман во пракса и градење вештини. Околу 500 ученици веќе присуствуваа на работилници во пилот фазата.

Покрај тоа, 300 млади луѓе учествуваа во програмата UPSHIFT за социјални иновации, што се спроведува во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој, и притоа се стекнаа со вештини, менторство и почетно финансирање за спроведување на 30 идеи насочени кон решавање на еколошките предизвици во нивните заедници.

Иако земјата постигна значителен напредок, оваа динамика треба да се одржува со давање конзистентна поддршка преку креирање политики, финансирање за климатските промени и одговорно донесување одлуки, притоа земајќи ги предвид и ефектите врз правата на децата. Со својот Општ коментар, Комитетот за правата на детето не само што го пренесува и засилува гласот на децата, туку и јасно ги дефинира правата на децата во однос на животната средина коишто земјите-членки треба да ги почитуваат, штитат и исполнуваат, порачуваат од УНИЦЕФ.

Преку неколку консултативни иницијативи, младите во Северна Македонија поставија пет јасни барања: создавање простор за младите да бидат двигатели на решенијата за климатските промени; носителите на одлуки да ги преиспитаат економските модели и да изнајдат начини да ги стимулираат индустриите да работат одржливо; да се промовира поправка и повторна употреба на производите, како и издржливи производи со подолг век на траење; да се децентрализира производството на енергија со поголем фокус на задругите за соларна енергија; и да се воведе образование за климатски промени со искуствено учење.