Наместо 900, в година ќе се доделат 1.318 стипендии за социјална поддршка на ученици

Photo by javier trueba on Unsplash

На иницијатива на Министерството за образование и наука (МОН), а со одлука на вчерашната владина седница, ќе се зголеми бројот на стипендии кои се доделуваат на учениците од средните училишта во учебната 2022-2023 година. Од МОН соопштуваат дека ќе обезбедат дополнително пари за оваа намена, со што целта е да се мотивираат и да се поддржи образованието на што поголем број средношколци кои аплицираат на конкурсите за доделување на стипендии.

Бројот на стипендии за социјална поддршка на ученици од предвидените 900, се зголемува на 1.318. Наместо 120 стипендии за ученици со посебни потреби, ќе бидат доделени 168. Вкупно 167 стипендии ќе се доделат на талентирани ученици – спортисти, односно 17 повеќе од првично предвидените.

За талентираните ученици од областите на природните и техничките науки ќе се доделат 115, наместо како што беше првично предвидено да се доделат 100, додека за учениците кои реализираат наставни програми од дефицитарни струки, наместо 240, ќе се доделат 267 стипендии.

„Веднаш по излегувањето на одлуката во Службен весник, на веб-страницата www.mon.gov.mk ќе бидат објавени и резултатите за сите категории на стипендии согласно новите квоти, a учениците ќе добијат насоки за понатамошно постапување“, соопштуваат во МОН.