Најтоплиот февруари го означува деветтиот нов месечен рекорд по ред

Колку и да изгледа ова необично, не е изненадувачки бидејќи континуираното затоплување на климатскиот систем неизбежно води до нови температурни екстрем, објасни директорот на Службата за климатски промени на Коперник, Карло Буонтемпо

Извор: Image by Gerd Altmann from Pixabay

Февруари 2024 година е најтопол на глобално ниво досега, а глобалната температура на морињата е рекордно висока, изјавија денеска од Европската служба за климатски промени „Коперник“.

Изминатиот февруари бил за 0,81 степени Целзиусови потопол од просечниот февруари во изминатите 30 години и 1,77 степени потопол од проценетиот просек февруари во втората половина на 19 век, што метеоролозите го земаат како прединдустриски период за споредување на трендовите на затоплување.

Сепак, посочуваат од Коперник, ако се видат температурите за февруари 2024 само за Европа, тие се за дури 3,30 степени Целзиусови повисоки од просекот за февруари во последните триесет години.

„Ова е деветти месец по ред со рекордно висока температура“, се вели во изјавата.

„Колку и да изгледа ова необично, не е изненадувачки бидејќи континуираното затоплување на климатскиот систем неизбежно води до нови температурни екстрем. Климата реагира на реалните концентрации на стакленички гасови во атмосферата, па ако не успееме да ги стабилизираме, неизбежно ќе се соочиме со нови глобални температурни рекорди и нивните последици“, објасни директорот на Службата за климатски промени на Коперник, Карло Буонтемпо.

Просечната глобална температура на површината на морето во февруари 2024 година изнесуваше 21,06 степени Целзиусови, што е највисока за кој било месец досега, дури и од август 2023 година – за 0,08 степени Целзиусови.