Најголемата година за музика во живо досега, но не и на Балканот

Во моментов се предвидува дека Тејлор Свифт од тековната турнеја „The Eras“ ќе заработи повеќе од една милијарда долари, со вкупно 106 планирани концерти во живо, пишува АФП

Тејлор Свифт на концерт во Арлингтон, Сојузна држава Тексас, 2 април, 2023 г. | Фото: Ronald Woan from Redmond, WA, USA, CC BY-SA 2.0, Викимедија комонс

Тејлор Свифт и Бијонсе се само дел од многуте ѕвезди кои неодамна го поттикнаа растот на пазарот на музички турнеи додека побарувачката за музика во живо дожувува нов бум по повеќегодишните откажувања и одложувања предизвикани од пандемијата, пренесува Агенцијата „Франс прес“ (АФП).

Од Пинк до Колдплеј до Дрејк, стадионите низ Соединетите Американски Држави и пошироко се подготвуваат за најголемата година за музика во живо досега.

Во моментов се предвидува дека Тејлор Свифт од тековната турнеја „The Eras“ ќе заработи повеќе од една милијарда долари, со вкупно 106 планирани концерти во живо, пишува АФП.

Исто така, големи се шансите и Бијонсе годинава да заработи повеќе од една милијарда долари во нејзината претстојна турнеја наречена „Renaissance“.

Ако било која од нив ја достигне таа сума, ќе го соборат рекордот на Елтон Џон од 910 милиони долари.

„Откако поголемиот дел од светот повторно е целосно отворен, јасно е дека концертите остануваат висок приоритет за обожавателите“, се вели во најновиот извештај за заработка на Live Nation.

Додека светскиот пазар е преплавен со музички настани и концерти во живо, Балканот не е во иста ситуација.

И покрај големиот број турнеи најавени за 2023 и 2024 година, нема предвидено датуми за настапи во балканските држави.

Освен концерти на локални артисти во помали арени, надеж за музички настани на Балканот се фестивалите кои носат познати светски и локални изведувачи.

Моментално единствените познати музичари кои имаат најавено концерти на Балканот се на Луис Томлинсон и Најл Хоран – поранешни членови на Уан Дајрекшн (One Direction), и Џокер аут – словенечки бенд кој распродаде турнеја низ Европа. Во декември годинава во Белград е закажан и концерт на Брајан Адамс.

Во Македонија последниот голем концерт се случи во 2019 година кога Стинг настапи на градскиот стадион во Скопје. Од тогаш, музички настани кои јавноста може да ги следи се ретките концерти на најголемите балкански изведувачи во концертни сали, а почесто може да се гледаат настапи низ ноќните клубови.